Тргнете ги контејнерите од вело-патеките!

197

Во намера надлежните од градот да го чујат нивниот глас, тие ќе користат светла и ѕвончиња и ќе побараат сериозна ревизија на локациите за контејнерите што би биле поблиску до граѓаните, и не во патеките на движење на велосипедистите. – Бараме да се вратиме на патеката за Скопје – велоград и да продолжиме со поголеми позитивни промени. На таа патека нема место за пречки! Она што треба да се фрли во контејнер е планирањето, а не концептот Скопје  – велоград, потенцираат од „На точак“

 

Тргнувајќи од плоштадот „Македонија“, в среда од 17:30 часот групата скопски велосипедисти – ентузијасти „На точак“ ќе извози тура низ градот во знак на протест на повторното узурпирање на велосипедските, но и на пешачките патеки, сега од контејнерите. Во намера надлежните од градот да го чујат нивниот глас, тие ќе користат светла и ѕвончиња и ќе побараат сериозна ревизија на локациите за контејнерите што би биле поблиску до граѓаните, и не во патеките на движење на велосипедистите.

– Бараме да се вратиме на патеката за Скопје – велоград и да продолжиме со поголеми позитивни промени. На таа патека нема место за пречки! Она што треба да се фрли во контејнер е планирањето, а не концептот Скопје  – велоград – потенцираат од „На точак“.

Тие сметаат дека по 7,5 години борба за подобрување на велосипедскиот сообраќај во градот, со поставените конктејнери на патеките, одеднаш се враќаме на почеток.

– Седум години се бориме да се ослободат велосипедските патеки во градот. И почнаа да се ослободуваат од автомобили, билборди, бандери, трафики и останати пречки. Го поздравувавме секој минорен чекор напред. Сето тоа резултираше со очигледен пораст на велосипедскиот сообраќај. Дел од луѓето ги оставија автомобилите затоа што сфатија дека онаму каде што има безбедна и проодна велосипедска патека, можат побрзо да стигнат со точак, или електричен тротинет отколку со автомобил. И сега одеднаш, без никаква анализа решија да сместат контејнери на тешко ослободените велосипедски патеки, a на неослободените да ги потврдат старите лоши локации со уште поголеми контејнери кои оставаат уште помал простор – велат од „На точак“ и додаваат дека тоа нема да го дозволат.

Сметаат дека досега извозиле 81 критична маса во градот сѐ со единствена цел, да се подигне свеста за користење на велосипедот како превозно средство.

– Со тоа сите заедно ќе добиеме град кој ќе биде поубав и почист. Град за луѓе, а не град за автомобили – децидни се од „На точак“.

Изградени 35 километри вело-патеки

Во првата година кога оваа гарнитура на градската власт дошла на власт, во просек има изградено 12 километри велосипедски патеки, за разлика од претходната која во просек имала изградено 3,1 километар велосипедски патеки годишно.

– Градот активно работи на нови патеки, особено во правец север-југ. Гледаме отприлика 35 километри. За една година сме сработиле 60 проценти од патеките што тој ги сработил за осум години – истакна шефот на кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, Никола Наумоски во емисијата 360 степени.

Оваа бројка произлезе од пресекот што градските власти го направиле на почетокот на годинава.

(А.П.)