Трамп повторно твитна: Јас победив!

85

Претседателот на САД во заминување Доналд Трамп сѐ уште нема намера да се помири со резултатите од претседателските избори одржани на 3 ноември. Тој секој ден покажува дека воопшто не ги признава резултатите од претседателските избори, а секако тоа најчесто го прави таму каде што е најприсутен – на Твитер. На оваа социјална мрежа Доналд Трамп реди објави една по друга. Во последната барем засега Трамп напиша. „Јас победив“!

Трамп претходно изјави  дека „не признава ништо“, откако медиумите објавија дека најверојатно, првпат јавно признал дека неговиот демократски противкандидат Џо Бајден победил на претседателските избори во САД на 3 ноември.

„Победил само во очите на медиумите кои пласираат лажни вести. Не признавам ништо. Пред нас е долг пат. Ова беа наместени избори“, напиша Трамп на Твитер. Во друг твит повтори дека изборите биле фалсификувани и порача: „Ние ќе победиме“.

Трамп повторно ги изнесе тврдењата дека на набљудувачите не им било дозволено да присуствуваат на пребројувањето на гласовите, како и дека гласањето во вид на табела го прикажала „радикално левичарската приватна компанија“ Доминион. Според него, таа компанија има лоша репутација и лоша опрема, која не е квалификувана ниту за Тексас, каде тврди дека тој убедливо победил. Трамп за својот неуспех ги обвини „лажните и тивки медиуми“ и други.