Трагикомична апсурдна драма: „Аудиенција“ со Владо Јовановски премиерно во МНТ

244

Во Македонскиот народен театар, на 6 ноември, од 18 часот, премиерно ќе се изведе претставата „Аудиенција“ на Вацлав Хавел, во режија на Сибел Абдиу. Во претставата улогите ги толкуваат Владо Јовановски и Џенап Самет, композитор е Слободан Трајкоски, а сценографијата е на Ујза Жури.

„’Аудиенција’ е трагикомична апсурдна драма во еден чин, по текст на Вацлав Хавел, напишан во 1975 година. Главниот лик е Фердинанд Вањек, интелектуалец, по вокација драмски писател, кој е принуден да работи во пиварница. Вањек е повикан од страна на својот претпоставен, Сладарот, кој е на сосема различно интелектуално ниво. Тој е типичен претставник на едноставниот и неук човек со волја за моќ. Претставата е делумно автобиографска (Вањек го претставува Хавел) и има референци за вистински уметници од тоа време (Гот, Бохдаловиќ, Кохут)“, стои во најавата за претставата, која има за цел да посочи на апсурдноста на комунистичкото општество, неверојатниот јаз меѓу интелектуалците и медиокритетите, а исто така и индиректната критика на тоталитаризмот и неслободата.

Оваа претстава ги поставува прашањата дали борбата против тоталитаризмот е борба со ветерниците? Дали е можно истиот да се порази дури и во денешното демократско општество? Дали човештвото еволуира или дееволуира, целосно дистанцирајќи се од „апсолутна слобода“?

„Во оваа трагикомична и апсурдна дуо-драма, Хавел го поставува прашањето за тоталитаризмот, на многу прецизен начин преку хипер реалистична приказна во хипер реалистични околности. Главниот лик Вањек, интелектуалец осуден да им служи на квази-интелектуалците, заглавен во својата судбина на филозофски начин, одлучува да ја води својата војна користејќи го молкот како оружје“, ќе посочи во режисерската експликација Сибел Абдиу.