Тешки реплики и контрараплики, сомнежи…аргументите останаа за некое друго време

Ова, според аналитичарот Агим Јонуз, беше дуел на два лидера кои грчевито се борат да ја задржат „пата-пата“ ситуацијата на теренот, зашто се свесни за своите слабости. Според аналитичарот Петар Арсовски, дуелот на лидерите во најава на локалните избори, кој доаѓа по долга пауза, наметнал атмосфера фокусирана на напади и контранапади наместо на аргументи во обид да се мобилизираат гласачите. Гестот со подавање на рака е за поздрав и праќа позитивни пораки и сигнали, смета комуникологот Бојан Кордалов, но треба да продолжи со соработка во решавањето на мноштвото проблеми во државата.

103

Без нови идеи и понуди за неопределените граѓани, но со подадена рака за фер и демократски локални избори на 17 октомври, помина дуелот на „Канал 5“ меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Гестот со подавање на рака е за поздрав и праќа позитивни пораки и сигнали, смета комуникологот Бојан Кордалов и треба да продолжи со соработка во решавањето на мноштвото проблеми во државата.

„Но, доколку „откако ќе се изгасне“ светлото во студиото, лидерите и партиите продолжат со старите навики, ваквиот гест нема да изврши никакво влијание, па дури ни симболично. Напротив, само дополнително ќе го забрза процесот на тонење на политичката култура, растење на недовербата во системот и млади кои ќе ја зграбат првата прилика да ја напуштат Македонија и целото свое знаење, вештини и капитал што како држава сме им го дале, да го вложат во некоја друга држава“ – нагласи Кордалов.

Според реакциите на поддржувачите од двата табора и овој пат победи нивниот водач, што одговара на резултатите на двете претходно објавени анкети, а за оние останатите, според реакциите на социјалните мрежи, ова беше уште едно политичко препукување, преполно со критики, упаѓања во збор, панаѓур на суетите, очајна епизода „бетер од турска серија“.

Сепак, според Кордалов, можеме да забележиме подобрена меѓусебна комуникација помеѓу лидерите за време на меѓусебните ТВ-дуели.

„Впрочем, комуникацијата која меѓу нив ја видовме е многу поразлична од секојдневните фрази кои политичките партии ги користат една за друга во секојдневната комуникација. Таму читаме за „клептомани“, „предавници“, за „лажни вести“ и уште многу непримерни, па дури и вулгарни зборови. Така што ваквата промена е за поздравување и изразувам надеж јас, а верувам и целокупната јавност дека ќе стане пракса“ – истакна Кордалов.

За жал повеќето аналитичари сметаат дека биле отворени премногу теми, а дебатата се свела на пароли и комуникација помеѓу завојувани страни.

Според аналитичарот Петар Арсовски, дуелот, кој доаѓа по долга пауза, наметнал атмосфера фокусирана на напади и контранапади, наместо на аргументи, во обид да се мобилизираат гласачите.

„Заев и Мицкоски во борба за симпатии кај повеќе публики мораат да бидат агресивни заради сопствените табори, мораат да изнесат и некаква политичка понуда заради изборите, а притоа играат и за неопределените гласачи. Преширок фокус, премногу теми, премалку време, што ја сведува дебатата на пароли и површни примери“ – истакна Арсовски.

Ова, според аналитичарот Агим Јонуз, беше дуел на два лидера кои грчевито се борат да ја задржат „пата-пата“ ситуацијата на теренот, зашто се свесни за своите слабости.

„Најголем дел беше празна реторика, но во немање поинакви и посилни ликови (читај партии) на политичката сцена, сето тоа беше нешто веќе видено, спакувано во некој ТВ-спектакл, што не го оправда тој епитет“ – смета Јонуз.

Лидерите, нагласи Кордалов, за жал, со една мала промена не може да ги разуверат неопределените, а особено разочараните гласачи од македонската политика.

„Потребно е многу труд, но првенствено многу искреност во комуникацијата и особено фокусирање кон приоритетите на граѓани, наместо кон партиските приоритети, за да се запре процесот на апатија. Потенцирам дека губењето доверба кај сѐ поголем број на гласачи дека работите некогаш би можеле да се подобрат е погубна за една држава и општество. А, токму излезот од оваа закана и замка е во целосно менување на комуникацијата помеѓу партиите и лидерите, во насока на градење на нормален дијалог, базиран секако на разлики и натпревар на подобри предлози и идеи, наместо како досега да се сведува на „маратон“ на навреди, говор на омраза и фрази карактеристични за комуникација помеѓу најголеми завојувани страни“ – вели Кордалов.

Тој додава дека лидерите демонстрираа и со тон и со невербална комуникација дека се сигурни во својата победа и дека се апсолутни фаворити.

„Но, мислам дека малата позитивна промена во нивната меѓусебна комуникација е и доказ дека веќе разбираат оти досегашниот начин на комуникација базирана на стендап и конфронтации само ги оддалечува граѓаните од политиката. Истовремено, веќе последиците се чувствуваат и со намалената доверба и поддршка на мнозинството на граѓани во јавните институции што претставува дополнителен и огромен проблем кој се заканува да остави несогледливи долгорочни последици“ – заклучува Кордалов.

Повеќето аналитичари тврдат дека дуелот не донел некоја поголема промена во освојувањето на неопределените граѓани бидејќи за тоа се потребни проекти, пред сè, за реален економски развој, а не меѓусебни препукувања.

(И.С.)