EPA-EFE/RODRIGO FREITAS

Трикратната олимписка шампионка во биатлон, Норвежанката Марте Олсбу Ројселан, соопшти дека поради здравствени проблеми ќе ја заврши својата богата кариера на крајот од сезоната.

  • Биатлонот секогаш ќе биде во моето срце и затоа со емоции најавувам дека (Осло, Холменколен) ќе биде мојата последна трка во Светскиот куп, истакна 32-годишната биатлонка на прес-конференција.

Ројселан минатата година го освои големиот Кристален глобус на Светското првенство, а во Норвешка важи за најдобра биатлонка во историјата.

  • Тоа е чудно чувство, тажно, но и неверојатно лесно. Едвај чекам да уживам во она што животот го нуди, додаде биатлонката.

Ројселан оваа сезона ја мачеа проблеми откако минатото лето се зарази со вирусот херпес зостер (кожна инфекција). Таа се врати во конкуренција во јануари и моментално е на 15-тото место во генералниот пласман на Светскиот куп.

На минатогодишните Зимски олимписки игри во Пекинг, таа освои три злата во спринт, потера и мешана штафета, како и две бронзи во масовен старт и поединечна конкуренција.

Во Пјонгчанг во 2018 година освои две олимписки сребрени медали во спринт и мешана штафета, а во текот на кариерата дури 13 пати освои златни медали на светските првенства.

Пред финалното натпреварување на Мундијалот во Осло, во водство е Французинката Жили Симон.