“Во оваа книга даден е акцент на примената на оптичките информации во процесите на препознавање на непознатите примероци. Основата на машинското учење во процесот на препознавање на облици е користењето на математичките дисциплини од најразновиден вид. Токму користењето на логиката, пресметувањето и веројатноста овозможиле вештачката интелигенција да биде третирана како научна дисциплина“, објаснува проф. д-р Анис Сефиданис, декан на Факултетот за информатика при Европски универзитет Скопје, кој е главниот автор на книгата “Препознавање на облици” од областа на вештачката интелигенција. Благодарение на професорот Сефиданис пред неколку месеци во Македонија пристигна првиот комерцијално достапен суперкомпјутер во светот

 

На Факултетот за информатика при Европски универзитет Скопје е објавена првата книга од областа на вештачката интелигенција, чиј главен автор е деканот проф. д-р Анис Сефиданис, а тоа воедно претставува и првиот академски учебник на тема “Препознавање на облици” во нашата земја.

“Во секојдневниот живот обработуваме и анализираме огромна количина на информации од разни типови, со различни значења, атрибути и квалитети. Врз основа на анализата на овие податоци донесуваме одлуки кои ја обликуваат нашата иднина. Информациите ги добиваме преку сетилата. Повеќе од 95 проценти од нив имаат оптичка природа. Сликите се моќен медиум за пренесување на податоци и средство за ефикасна комуникација. Затоа, не само што се примарен извор на информации, туку и основен начин на комуникација помеѓу луѓето, особено помеѓу луѓето и машините. Врз основа на добиените информации човекот реагира на соодветен начин“, објаснува во книгата професорот Сефиданис.

Акцент на примената на оптичките информации

Тој додава дека тие слики/информации имаат дигитален формат, а дигиталната слика содржи во себе голема количина на информации. “Тоа значи дека при нејзината анализа се обработуваат голем број на различни информации од различен формат. Потребно е да се потенцира дека и информациите добиени со другите сетила се трансформираат во сликовити информации, а дури потоа се употребуваат во процесот на препознавање облици. Во таа насока се развиени посебни методи за анализа на слика“, додава Сефиданис.

Под поимот „анализа“ како што истакнува Сефиданис, се мисли на сложена обработка на сликата која се состои од две фази. Во првата фаза, сликата се претпроцесира, сегментира и во неа се означуваат потенцијалните предмети кои се од интерес. Во втората фаза, објектите од сликата се препознаваат, што значи дека тие математички се опишуваат и класифицираат како објекти од одредена класа која е сегмент од множеството на однапред дефинирани класи.

“Еден од основните проблеми при креирање на систем за препознавање на обрасци е изборот на соодветни нумерички атрибути, за опис на карактеристиките на објектите, кои се извлекуваат од сликата за класификација. Во таа насока се користи посебен математички концепт. Тој концепт се користи и во други науки, како механиката и статистиката. Сликата се опишува во моментот на настанот, поради што се користат глобални својства на сликата наместо локалните.

Затоа во оваа книга даден е акцент на примената на оптичките информации во процесите на препознавање на непознатите примероци. Основата на машинското учење во процесот на препознавање на облици е користењето на математичките дисциплини од најразновиден вид, почнувајќи од елементарни функции, па сè до сложените својства на веројатноста. Токму користењето на логиката, пресметувањето и веројатноста овозможиле вештачката интелигенција да биде третирана како научна дисциплина“, објаснува Сефиданис.

Главниот автор на трудот д-р Анис Сефиданис е универзитетски професор, декан на Факултетот за информатика при Европски универзитет – Скопје, а предава и на Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии “Свети Апостол Павле” во Охрид, како и на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Еден од двајцата коавтори на ова дело е м-р Зорица Каевиќ, магистер по информатика во областа на дигитална форензика, a автор и коавтор е на повеќе публикации и трудови од областа на дигиталната форензика, електронски криминал, информациско комуникациска технологија и примена на ИКТ во наставата. Вториот коавтор е м-р Билјана Раичевиќ Велковска, асистент на Факултетот за информатика при Европски универзитет – Скопје, а работи и како професор по математика во СУГС Гимназијата „Орце Николов‘‘ – Скопје.

Книгата може да се најде во универзитетската библиотека на Европски универзитет, како и во книжарниците во државата.

Македонија го има првиот комерцијално достапен суперкомпјутер во светот

Инаку, благодарение на деканот на Факултетот за информатика при Европски универзитет, Анис Сефиданис пред неколку месеци во Македонија пристигна првиот комерцијално достапен суперкомпјутер во светот, од Силиконската долина во Калифорнија. Станува збор за суперкомпјутерот НВИДИА®, најбрзата работна станица во светот и единствената специјализирана за вештачка интелигенција со четири графички процесори НВИДИА® ТЕСЛА В100, интегрирани со целосно поврзана четиринасочна NVLинк ™ архитектура, обезбедувајќи моќност од 500 тераФЛОПС, еквивалентно на стотици сервери.

Д-р Сефиданис за весникот ВЕЧЕР тогаш откри дека Македонија е и прва држава во регионот што ја добила најмоќната машина на светот.

“За да се набави суперкомпјутерот мора да се приложат научни истражувачки проекти од областа на вештачката интелигенција, да се пополнат бројни апликации и меѓународни договори. Се разбира дека требаше да испратам портфолио со работниот ангажман, со мојата научно-истражувачка работа, да ги презентирам проектите на кои сум работел, да образложам за што ќе се користи, а интересно е тоа што морав да потпишам и меѓународен договор за заштита од злоупотреби“, појаснува деканот на Европски универзитет, д-р Сефиданис.

Суперкомпјутерот е дизајниран да извршува нумерички пресметки со најголема можна брзина понудена од најновата технологија и архитектура на компјутери. Потребата од аритметички пресметки со најголема можна брзина во даден момент, произлегува од примената на компјутерите во обработка на големите податоци. Симулацијата на разни процеси и феномени, неопходни во математиката, физиката, економијата, медицината, денес се само некои од областите на примена на суперкомпјутерите. (Д.Т.)