СУГС „Цветан Димов“ ќе добие нова енергетско-ефикасна фасада

223

СУГС „Цветан Димов“ е уште едно училиште кое ќе добие нова енергетско- ефикасна фасада, со што Град Скопје продолжува да инвестира во средното образование. На почетокот на градежните работи за реконструкција на фасадата присуствуваше скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

-Новата енергетски ефикасна фасада на „Цветан Димов“ ќе има специфичен визуелен и естетски стил, односно ќе биде стаклена со алуминиумски композитни панели во боја. Оваа реконструкција ќе заштеди енергија и полесно ќе се одржува температурата во зимскиот и во летниот период во училиштето. Учениците и професорите ќе имаат поквалитетни и подостоинствени услови за настава, изјави  Шилегов.

Градот Скопје само минатата година инвестираше во повеќе сегменти од образованието: половина од училиштата добија енергетско ефикасни фасади, во другата половина од училиштата се реконструираше внатрешноста во согласност со потребите, беа обезбедени стипендии за над 100 средношколци спортисти, а беа ангажирани и 17 образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби.

Исто така, сите средношколци без исклучок добија бесплатен јавен градски превоз, а во осум училишта беа направени тоалети за лицата со попреченост и беа обележани паркинг-места за лицата со посебни потреби во кругот на училиштата.