Струмичкиот ајвар заминува во странство

144

Малку ќе остане од пиперката „ајварка” во Струмичко оваа сезона. И трговците и производителите велат дека ајварот годинава заминува во странство поради големата побарувачка и високите откупни цени, кои се движат од 18 за рефус и 27 денари за килограм прва класа црвени пиперки за ајвар.

Трговците информираат дека дневно се берат и се извезуваат околу илјада тони пиперки од Струмичко и Прилепско засадени на отворено и под пластеници.
пиперки „ајварки”, нива.

Побарувачката е многу голема. Се извезува во Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Грција и во други земји. Покрај странците, големи количини откупуваат и домашните фабрики, вели Благој Витанов, откупувач од Струмица.

Производителите се задоволни од откупните цени на пиперката „ајварка” и велат дека ако продолжи со вакво темпо да трае побарувачката, тогаш ќе се каат што не засадиле повеќе.

Од откупните цени, кои се движат од 18 до 27 денари за килограм, сме задоволни. Доколку така остане до крајот на сезоната, по подолго време ќе ни биде исплатливо производството. Секој ден во селото врие од трговци, а голем интерес има и од домашните преработувачи, рече Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.

Драги Памуков, земјоделец од село Куклиш, смета дека поради големиот интерес за пиперката „ајварка” од странските пазари и високите цени на пазарите на мало, лесно може да се случи ајварот да се мери со лажичка, а не во тегли.

– Сметам дека производството од годинашната реколта ќе заврши за 10 – 15 дена. Веќе се бара килограм повеќе и сите што ќе сакаат да го јадат нашиот традиционален специјалитет ќе може да го најдат само на рафтовите во продавниците. Поголем дел пиперки што се откупуваат одат за извоз, а мал дел останува за домашните фабрики. Не знам дали на граѓаните ќе им се исплати да приготвуваат ајвар ако за килограм пиперки треба да платат 30 денари, па и повеќе, секако под услов да успеат да се снабдат со пиперки, објаснува Памуков.

Ставот на Ристо Велков од Сојузот на синдикатот на земјоделските производители е дека откупните цени се исплатливи, но реално е според производствените трошоци просечната откупна цена да изнесува 25 денари за килограм пиперка „ајварка”.

– Од една страна, ваквите исплатливи цени ги радуваат земјоделците, но од друга страна, треба да размислуваат и надлежните и производителите дали идната призводствена сезона ќе има доволно домати, пиперки или краставици, бидејќи земјоделците сè уште работат неплански и стихијно. Годинава добро поминаа со пролетната зелка и еве сега со црвените пиперки, но да не заборавиме како беше лани со зелката. По такви успешни сезони наредната година поголем дел ќе го зголемат прозводството на културата што лани поминала добро и со тоа ќе имаме поголема понуда од побарувачката и со тоа ќе нема пласман, смета Велков.

Годинава во Струмичко од отворено и под пластеници се очекува род на околу 50 илјади тони пиперка „ајварка”, што во споредба со минатите години е помалку за 10 илјади тони.