СТРАВОТ ПЛАНИНАТА ЈА ЧУВА: Може или не може на Водно?!

687

Може или не може да се шета во парк-шумата Водно? Од ЈП „Национални шуми“ и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, велат дека може, затоа што појаснуваат дека планината Водно е исклучена од одлуката за делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, која стартуваше од петокот (24 јуни).

– Оваа делумна забрана се однесува исклучиво на шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“. Лицата што имаат желба да планинарат во подрачјата во кои е ограничено движењето од 6 до 20 часот, можат да побараат писмено одобрение за движење во една од 30-те локални подружници на ЈП „Национални шуми“. Делумната забрана за движење НЕ се однесува на парк-шумата Водно, како и на националните паркови Маврово, Галичица, Пелистер и Шар Планина – појаснија од ЈП „Национални шуми“.

Истата информација ја потврди и Ангелов на својот фејсбук-профил.

– Граѓаните може да се движат слободно и без ограничување на Водно, Шар Планина, Пелистер, Галичица, Маврово. Лицата кои имаат желба да планинарат во подрачјата во кои е ограничено движењето, можат да побараат писмено одобрение за движење во една од 30-те локални подружници на ЈП  „Национални шуми“ – напиша Ангелов.

Од Град Скопје, пак, излегоа со информација дека забраната се однесува и за парк-шумата Водно.

– Воведувањето на делумната забрана за движење е според одлуката од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а по барање на ЈП „Национални шуми“ – Скопје, согласно со член 57 став 2 од Законот за шумите. Градот Скопје апелира до граѓаните да ја почитуваат воведената делумна забрана за движење во парк-шумата Водно и во паркот на природата Гази Баба и да придонесат за зачувување на зеленилото од евентуални пожари – потенцираа од Град Скопје.

Денеска побаравме од Град Скопје да им појаснат на граѓаните што да прават, затоа што се плашат дека забуната ќе направи некој да си го „изеде“ ни крив ни должен, но не добивме одговор.

Според народната дека стравот лозјето (планината) ја чува, викендов на Средно Водно беше речиси празно. Автобусите на ЈСП не сообраќаа до Средно Водно, а не беше пуштена ниту Жичницата. Спортисти, планинари и рекреативци се воздржаа да се качат на планината за да не бидат казнети, затоа што законот предвидува за непочитување на делумната забрана за движење во шумите и шумското земјиште од 6 до 20 часот, казна од 1.500 до 2.000 евра. По социјалните мрежи се појавија коментари дека „ваква слика последен пат виделе за време на корона-пандемијата, кога поради полицискиот час беше забрането движењето на територијата на целата држава, вклучувајќи ги и шумите“.

– Град Скопје, тамам помисливме дека немало понекадарна локална самоуправа во градов, а вие достигнавте нови, астрономски височини! Го спасувате Водно? Со укинување на слободата на движење на рекреативците, на родителите со деца, на пензионерите? Колку пожари направија тие за последниве 20 години, ВЕ МОЛАМ СТАТИСТИКА!! Единствен пожар имаше пред 10 години, над Света Петка, запален од страна на локалното население за да си ги прошири пасиштата. Шуми во Македонија горат, ама ниту една не запалил планинар, рекреативец, мајка со бебе – вели една планинарка.

Од ЈП „Национални шуми“ објаснуваат дека воведената делумна забрана за движење во шума е превентивна мерка и нема никакви други намери. Велат дека движењето во шума ќе биде дозволено доколку се извади дозвола во една од нивните подружници.

– Согласно со воведената делумна забрана за движење во шума, која е со важност од 24.6.2022 година, во текот на првиот ден од важноста на делумната забрана, издадени се околу 450 дозволи за движење во шума, на подрачјето на целата територија на државата – велат од ЈП „Национални шуми“.

(С.Бл.)