Столарската работилница на ЈП „Паркови и зеленило“ работи турбо

264

По секој вандалски чин врз урбана опрема низ градот, а што ќе го направат најчесто непознати сторители, на терен излегуваат столари, дреари, бравари од столарската работилница на ЈП „Паркови и зеленило“ со цел да ја поправат штетата. Така беше и по минатиот викенд кога во паркот „Македонија“ беа откорнати клупи и фрлени во зеленилото, а претходно во езерцата во Градскиот парк беа фрлени оштетени клупи.

Георгиевска информираше дека во оваа работилница се изработуваат штафни со кои се реконструираат оштетените клупи. Вели дека од почетокот на годината и досега се реконструирани 300 клупи, а во тек е санација на 150 клупи и од левата и од десната страна на кејот на реката Вардар, на потегот од булеварот „Осми септември“ до „Рајски парк“ во Аеродром.

– Веќе ги бојадисавме сите клупи од двете страни на кејот на реката Вардар, на потегот од Железниот мост до мостот на булевар „Осми септември“ – истакна Георгиевска.

Претпријатието ги изработува и видиковците, а исто така и рустик корпите за отпадоци, но и дрвените огради на скалилата. Секторот за вонградско зеленило ги изготвува парковските елементи, како што се видиковците, детските игралишта со рустични елементи, потоа мовчињата во парковите за миленици. Секторот механизација, пак, ги поставува оградите на игралиштата.

ЈП „Паркови и зеленило“ изработува и куќарки за птици во Градскиот парк и други украсни елементи, но и информативни табли за парк-шумата „Водно“, парк-шумата „Гази Баба“ и за спортско-рекреативниот центар „Сарај“, а имаат изработено и пристапни рампи за лицата со инвалидитет во претпријатието.   

Таа вели дека и покрај редовната замена и реконструкција на урбана опрема тие постојано се соочуваат со штети.

– Ако денеска се уништени клупа, утре тоа се видиковци или огради. Обично тоа се случува навечер. Не сме во состојба секаде одеднаш да интервенираме, бидејќи во секој момент не можеме да знаеме каде е оштетена клупа, или друга парковска опрема – нагласи Георгиевска.

Таа упати апел луѓето да имаат поголема свест за тоа како се однесуваат кон општеството добро, да се грижат за него како за сопствено, бидејќи тоа треба да ни служи на сите, но и до образовните институции да обрнат поголемо внимание не само на образовниот, туку и на воспитниот процес на младите, бидејќи како што вели тој очигледно затаил, како и до родителите повеќе да внимаваат на своите деца.

(А.П.)