Стоиљковиќ: Србите во Македонија на нов попис!

103

Демократската партија на Србите во Македонија и Српската заедница во Македонија ги отфрлаат објавените пописни резултати и ги информираат сите припадници на српскиот народ во земјава дека ќе организираат доброволен попис во втората половина од годинава.

„Не можејќи да ги прифатиме лажните резултати од пописот, немајќи доверба во официјалните органи на актуелната власт и без намера да му дадеме легитимитет на нивното перфидно поништување на нашиот народ, Демократската партија на Србите во Македонија и Српската заедница, надевајќи се и на официјална поддршка на матичната татковина, ги информираат сите припадници на српскиот народ дека во втората половина на оваа година ќе спроведат попис, електронски и теренски, на кој ќе може да се попишат сите кои се сметаат за Срби. Попишувањето ќе биде доброволно, а попишаните лица ќе добијат официјална потврда која ќе можат да ја користат за остварување на правото на образование, стекнување на имот, стекнување државјанство, како и други поволности во нашата матична земја, Република Србија. Исто така, лицата чие презиме е на ИЌ, а ја немаат оваа потврда, нема да бидат третирани како валидни претставници на српскиот народ во македонската администрација, туку како кукавичини јајца снесени во нашето гнездо. Тоа важи и за политичките и за невладините организации со префиксот ‘српски’, а, всушност, основани за потребите на одредена политичка партија, како привремено покритие за отсуството на српски партнер во нивната коалиција, кои со своето неработење, односно поддршка на криминалните пописни активности, неодговорно од позиција на власт ги десеткувале Срби и се директни виновници за оваа состојба“, изјави претседателот на ДПСМ, Иван Стоилковиќ.