Ракометарите на  Вардар ја забележаа првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите. Избраниците на тренерот Стевче Алушовски, во СЦ „Јане Сандански“ му одржаа лекција на бундеслигашот Фленсбург, совладувајќи го со  31:26 (17:15). Најзаслужен за оваа победа беше капитенот Стојанче Стоилов, кој одигра одличен натпревар и постигна осум гола.

„Црвено – црните“  ја држеа играта под контрола во текот на целиот натпревар, постојано имаа предност од три – четири гола. Фленсбург на моменти успеваше да го израмни резултатот, но веднаш потоа македонскиот шампион успеваше да се одлепи на  три – четири гола. Најголемата предност Вардар ја имаше на осум минути пред крајот на натпреварот од пет гола разлика (27:22), разлика со која и заврши овој натпревар.

Од овој момент веќе беше јасно дека Вардар ќе ги прокнижи првите бодови во елитното натпреварување, откако претходно во првото коло загуби на гостувањето кај Мешков Брест, а поради корона кризата му беа одложени мечевите со Елверум и ПИК Сегед.

Ова е четврти пораз на Фелнсбург од Вардар во СЦ „Јане Сандански“, во рамките од Лигата на шампионите. Следниот натпревар македонскиот шампион го игра пак на домашен терен на 22. октомври против Порто.

Фото: П. Стојановски