СТАВЕНА НА УВИД НА СКОПЈАНИ ТЕРМАЛНА МАПА НА ГРАДОТ: Утврдени најтоплите точки со мерки за справување

166

Секторот за заштита на животната средина на Град Скопје објави термална мапа на главниот град и на неа се обележани најтоплите точки и се предложени мерки за справување со негативните ефекти на урбаните топлотни острови (УХИ). Тие се ефект кој се јавува во урбаните области на големите градови, како резултат на покриеноста на земјиштето со згради и асфалтни површини.

– Погледнете ги најтоплите делови на градот и повеќе од 70 предложени акции и мерки кои може да бидат преземени. Понудете и вие свое решение за конкретна локација. Испратете ни ги вашите предлози на infoekologija@skopje.gov.mk до 28 февруари – велат од Град Скопје.

Податоците за правење на термалната мапа ги собираше авион од аероклубот “Скопје”, кој на 24 август 2018 година во тричасовен лет над Скопје направил 3.951 РГБ слики и 10.596 термални слики, кои покриваат површина од околу 213 квадратни километри. Според препораките за правење на термална мапа летот бил изведен околу пладне за да се намали ефектот на сенките и да се забележат максималните загревања на површните.

Во рамките на оваа студија предложени се над 70 мерки и акции кои ќе овозможат справување со ефектите на топлотни острови во Скопје. Како конкретни локации обработени се неколку области од Скопје, но тоа не значи дека овој ефект не е присутен во останатите делови од градот. Соодветно на ова, треба истите или слични мерки да се применат во сите области кои се детектирани како локации со зголемена температура.