Грчкиот скијач Александрос Јоанис (Еј-џеј Гинис) ја приреди најголемата сензација на годинашното Светско првенство во скијање. Тој го освои сребрениот медал во слалом на Мундијалот во Франција откако заостана само дваесет стотинки зад победникот Хенрик Кристоферсен.

Така тој само покажа дека неговиот успех од пред две недели не бил случаен. Потоа, во последниот слалом од Светскиот куп, пред почетокот на Мундијалот, исто така заврши на второто место, со стартен број 45. Гинис ги поврза тие два успеха во својата изјава по освоеното сребро на Светскиот куп.

– Среќен сум што сум премногу глупав за навистина да регистрирам што ми се случи пред две недели, па можев да влезам во оваа трка со чиста глава и да не размислувам за ништо. Овие две недели беа сè за што сонував. Можеби, по сезоната, навистина ќе разберам што ми се случи – изјави Гинис.

Александрос стана и првиот грчки скијач кој освоил медал на Светско првенство. Овој 28-годишник, чие целосно име е Александрос Јоанис Гинис, почнал да скија уште како мал, а посериозно тренирал кога на 12-годишна возраст се преселил во Австрија.

Од 15-годишна возраст живеел со своето семејство во Соединетите Американски Држави, чија репрезентација ја претставувал до пред три години и покрај тоа што Американците престанале да ги финансираат скијачите во слалом во 2018 година. Во 2020 година, Грција му понуди да скија под нејзиното знаме и тој го прифати тоа.

– Боже, ова е нашиот прв светски медал на мраз или снег, за мене е спомен, но за Грција е историја. Немам притисок, скијам за Грција и скијам опуштено – заклучи Гинис.