Средствата од Осмооктомвриската награда, проф. д-р. Анета Стефановска ги донираше за талентирани ученици

38

Добитничката на годинашното највисоко општинско признание на Крива Паланка, проф. Д-р. Анета Стефановска, биокибернетичар, научник на универзитетот во Ланкастер, Велика Британија, ги донираше добиените финансиски средства за поддршка на талентирани ученици од градот.

Стефановска е по потекло од Крива Паланка, докторант на универзитетите во Љубљана и Штутгарт, пионер во многу научни области, со визија да помогне за поддршка на млади ученици-таленти од нејзиниот роден град.

Средствата во висина од 20.000 денари, таа ги донира како финансиски стимул на четири талентирани ученици од основното општинско училиште „Илинден“ од Крива Паланка.

– Големината на човекот е во неговите дела. Направи добро дело, а остана скромна како и секогаш што била, тоа е нашата Анета Стефановска. Признанието што го доби ќе го краси нејзиниот дом, а паричната награда со љубов ја донира на четири наши ученици, сите одлични, пред се добри математичари, со освоени многу награди на општински, регионални и државни натпревари. Тоа се Мила Стојановска од шесто одделение, седмооделенката Матеја Стефановска, Марија Цветановска од осмо и Филип Анѓеловски од деветто одделение. Овие ученици од срце и се заблагодаруваат на професорката Стефановска, а искрена благодарност и од нивните родители – изјави директорката на ООУ „Илинден“ , Марица Николовска.

Од нејзино име, како директор на училиштето и долгогодишна другарка на професор Анета, во име на наставниците и вработените од училиштето упати јавна благодарност до неа.

Анета Стефановска е иницијатор за формирање фонд за поддршка на млади таленти од градот што ќе се реализира преку Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.