Спортски настан во качување на Бислимска клисура

183
Качувачки маратон, насловен „Оn sight climbing marathon“ на Бислимска клисура во село Пчиња-Куманово ќе се одржи утре, најавија денеска организаторите. Целта е да се промовира качувањето на локалитетот Бислимска клисура, кој се наоѓа на девет километри од Куманово на крајот од селото Пчиња. Со утрешниот спортски настан, велат надлежните се означува почетокот на качувачката и авантуристичка сезона која ќе следи во наредниот период на Бислимската Клисура.

Со огромна поддршка од локално-акциската група „АБЕР 2015“, како и директна помош од Швајцарската амбасада во Скопје, тимот на македонската спортска качувачка федерација успеа до месец јуни да оклинчи околу 70 нови насоки, кои сè уште не се искачени и нудат одлична можност за организирање на On sight climbing marathon – спортски настан каков што одамна немало во регионот. Горди сме што токму ние-МСКФ и Спортско Качувачкиот Клуб Карпош сме носители на оваа организација која треба Бислим да го претстави пред качувачката заедница на Македонија. Од почетокот на 2020 година, неуморно и со огромен ентузијазам започна отворањето на новиот спортско качувачки локалитет-Бислимска клисура. Потенцијалот што овој локалитет го нуди беше забележан од Македонската спортско качувачка федерација и веднаш се пристапи кон оспособување на нови насоки, во доволен број за Бислим да прерасне во омилен зимски качувачки локалитет на голем број качувачи, вели проект координаторот, Ванчо Наунов.

Качувачите ќе можат да се запознаат со потенцијалот кој го нуди локалитетот, а за рекреативците    нуди и прекрасна природа, реткости, ендемски видови на растенија и животни. Почетокот е закажан на 10 часот.

Извор:МИА