“ВЕЧЕР„ ГО НАЈАВИ УШТЕ ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ…: Кралот на валцерот Андре Риу ќе прави огномет од емоции во Скопје!

101
201118, Sydney: Andre Rieu in Sydney. Foto: Marcel van Hoorn.

За овој несомнено еден од најпопуларните интернационални музичари на нашето време, “Вечер„ пишуваше пред неполн месец откако беше најавено неговото гостување во соседна Србија и во исчекување да го видиме и во Скопје. Откако голем број Македонци веќе обезбедија билети за концерт во Белград, Пасворд Продакшн го организира неговиот настап во Скопје кој ќе се случи на 6 јуни во арената “Борис Трајковски„, во рамките на неговата светска турнеја

Кралот на валцерот, холандскиот виолинист и композитор Андре Риу, чии концерти се вистински спектакл за кој со месеци се зборува, во рамките на својата светска турнеја во 2019 ќе настапи со својот оркестар и во Скопје и тоа на 6 јуни во арена “Борис Трајковски„. Публиката во Македонија ќе има можност да ужива во фантастичниот спој на валцери, филмска музика, мјузикли, опера и хитови.

Како што пишувавме на страниците на “Вечер”, се работи за виолинист кој продал над 40 милиони албуми, кој живее во дворец и има најголем приватен оркестар.

“Музиката и особено валцерот се многу важен дел од мојот живот. Ако некое музичко дело го допре моето срце, ќе го допре и вашето исто така. Оваа прекрасна музика ми дозволува да внесам радост во животот и смеа во светот. Сѐ е дозволено на моите концерти: смеење, плачење, танцување, пеење. Емоциите се тајната на мојот успех„, вели Риу, чии концерти се огномет од емоции.

На речиси 100 концерти годишно, Риу гарантира совршена забава со светски познатите, романтични и мелодии полни со душа како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти. Заедно со неговиот 60-член Јохан Штраус Оркестар, најголемиот приватен оркестар на светот, харизматичниот Холанѓанец речиси 30 години го обиколува светот.

Дел од интересните факти поврзани со него се и тоа што неговите „ЈуТјуб“ видеа надминуваат далеку над милијарда прегледувања досега, а над 3,8 милиони фанови го следат на “Фејсбук“. Во јули 2018 Андре Риу ги одржа и неговите годишни опен аир концерти во неговиот роден град Мастрихт во Холандија. За првпат, на 13. вечери повеќе од 150.000 фанови од над 80 земји беа дел од спектакуларните концерти во Вријтхоф. Билетите од утревеќе ќе бидат во продажба и тоа по цена од околу 3.000 денари.

Занимливости за Андре Риу
Андре Риу е дете на диригент и домаќинка која се посветила на одгледување на шест деца. Живееле скромно од платата на таткото, но секое дете морало да научи да свири барем еден инструмент. Риу израснал со оперски арии, валцери и полки додека неговите другари ги откривале Битлси и Ролинг Стоунси. Дипломирал на Кралскиот конзерваториум во Брисел како студент на генерација и се вработил во Симфонискиот оркестар во Мастрихт. Паралелно изведувал и “забавна програма” со својот салонски оркестар, а 1987 година ја основал и сопствената продукција и оркестар.

Тој е среќно оженет и живее со неговата сопруга Марџори во романтичен замок од 1452 година во неговиот роден град Мастрихт во Холандија. Тие имаат два сина и пет внуци. Интересен е и фактот што валцерот “And the Waltz Goes On” на британскиот оскаровец, актерот Ентони Хопкинс, од 2011 година е на репертоарот на Риу.

Во желба на публиката да и понуди незаборавно доживување, турнејата во 2007 ја завршил во минус од 34 милиони евра, бидејќи сценографијата му била верната копија на виенски дворец, од секоја страна се наоѓало и лизгалиште, а меѓу нумерате имало и кочии. “Банкротот ми беше најдобра реклама#, изјави тогаш Риу со оглед дека приказната излегла и во јавност.