Со 6 милијарди евра годишно ќе се чисти воздухот до 2050 година

62

Европската Комисија предлага нов сет на правила за земјите членки со цел до 2050 загадувањето на воздухот да биде сведено на минимум. Според експертските анализи на ЕУ и на Светската здравствена организација (СЗО), загадувањето на воздухот во ЕУ е одговорно за 300 илјади смртни случаи годишно.

Од ЕК предлагаат да се воведат промени во директивата за квалитетот на воздухот за да се вметнат нови цели кои ќе одговорат на барањата на СЗО. Европската Унија бележи лоши резултати во однос на амбициите на СЗО во делот на загадувањето на воздухот.

Со промените во директивата Европската Комисија сака да ги натера земјите членки до 2030 да постигнат повисок квалитет на воздухот, а до 2030 нула загадување на воздухот, или поточно чистење на воздухот од најштетните супстанци. Со овој предлог Комисијата оценува дека присуството на ПМ2,5 честичките ќе се намали на повеќе од половина.

Промените предвидуваат, исто така, граѓаните да се организираат преку невладини организации и колективни акции за да добијат отштета во случај на непочитување на директивата на ЕУ за квалитет на воздухот од страна на земја членка. Комисијата најавува дека, доколку биде усвоена, оваа изменета директива ќе обезбеди поголема климатска правда и поголеми казни за оние кои не ги почитуваат законите за борба против загадувањето на воздухот.

Резултатот би бил “драматично подобрување“ на квалитетот на воздухот до 2030 за помалку од шест милијарди евра годишно.

– Нездрава средина има директни и скапи последици врз нашето здравје. Секоја година стотици илјади Европејци прерано умираат и многу повеќе страдаат од болести на срцето и белите дробови поради ракови предизвикани од загадувањето. Што подолго чекаме да го намалиме ова загадување, толку поскапо ќе го чини општеството – изјави потпретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс. Предлогот треба да биде прифатен од страна на Европскиот Парламент и земјите членки.