Со ребалансот предвидени дополнителни над 10 милиони евра за надомест на штети во земјоделството

Потребно е превентивно да се дејствува за да се намалат средствата кои се издвојуваат за справување со климатските промени. Во последните три-четири години за штети во земјоделството се исплатени над 15 милиони евра, а со ребалансот на Буџетот, кој од 1 октомври ќе биде функционален за оваа намена, се предвидени дополнителни над 10 милиони евра

144

Ефектите од досега преземените мерки за заштита на земјоделството од климатските промени се многу мали. Земјоделците не се доволно едуцирани да ги користат овие мерки за заштита од климатските промени и се навикнати да бараат помош од државата. Притоа потребни се повеќе научни истражување за да се креираат соодветни стратегии за заштита на земјоделството од климатските промени
Ова се дел од заклучоците на шеста сесија на Работната група 1 (Земјоделство и Рурален развој) на Националната конвенција за ЕУ во земјава на тема „Предизвиците во земјоделството соочено со климатските промени“.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, потребно е превентивно да се дејствува за да се наплатат средствата кои се издвојуваат за справување со климатските промени. Во последните три-четири години за штети во земјоделството се исплатени над 15 милиони евра, а со ребалансот на Буџетот, кој од 1 октомври ќе биде функционален за оваа намена, се предвидени дополнителни над 10 милиони евра.
-Влијанието на климатските промени врз земјоделството се рефлектира и врз производството, бизнис-секторот, економијата… Најмногу на удар е производството на отворено, односно овоштарството, лозарството и градинарските култури кои се најзначајни извозно ориентирани гранки. За таа цел досега се преземени многу мерки, а наскоро ќе се објави и меѓународен тендер за авионско засејување. Преку УХМР веќе неколку лаборатории се реновираа, односно се доопремија, а исто така остануваат и мерките за заштита кои стандардно ги имаме како преку Националната така и преку ИПАРД-програмата, истакна Димковски и ги потсети земјоделците дека државата дава 60 отсто субвенции за земјоделско осигурување.
Покрај дождовите и мразот, голем проблем кај нас е и сушата. Во таа насока, како што рече министерот со помош на КЛФ германската банката ќе се инвестираат околу 80 илјади евра за изградба на четири големи системи за наводнување со кои ќе се наводнуваат над 30 илјади хектари.
Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска климатските промени влијаат на намалување на квантитетот и квалитетот на земјоделското производство и затоа во иднина треба посериозно да се сфатат и од земјоделците и од државата.
-Земјоделците бараат заштитните мрежи антифрост системите и сите други мерки да се поддржат со повисок процент од страна на ресорното министерство и истите наместо преку ИПАРД да можат да се користат преку Националната програма за рурален развој која е поедноставна за користење, вели Мојсовска.
Според неа, треба да се води сметка и за системите за наводнување кои треба да надградуваат и модернизираат да не се соочуваме со проблеми како што беше случај ова лето каде што во некои места немаше вода за наводнување и по 15 и 20 дена.
Професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна, смета дека нема доволно податоци за да може да креираат соодветни стратегии за заштита на земјоделството од климатските промени.
– На удар на климатските промени се сите култури кои се одгледуваат на отворено, бидејќи наводнувањето не е ефикасно. Адаптивните капацитети на државата за справување со климатските промени се мали и поради тоа имаме најниски приноси во Европа. Ние и сега немаме капацитети да се носиме со сегашните проблеми, а како ќе се носиме со идните. Се прави многу, се преземаат многу мерки, но тие немаат ефект. Земјоделците не се доволно обучени и тука имаме проблем. Треба земјоделците да разберат дека треба да се приспособат, а не да чекаат за секоја штета некој да им надомести за нивните загуби, изјави Чукалиев.
Странските експерти советуваат дека заштитата мора да се одвива на две нивоа, државата да обесштети ако има потреба, но и земјоделците претходно треба сами да се заштитат. (А.С.)