Со прележан ковид не сте заштитени долго време вакцината нуди подолга заштита

287

Луѓето кои прележале ковид 19 не значи дека ќе бидат заштитени од ново заразување на подолг рок, особено не кога тоа би било предизвикана од нови варијанти на коронавирусот, сугерира студија на здравствени работници, а пренесува Гардијан.

Истражувачите од Универзитетот во Оксфорд откриле значителни разлики во имунолошкиот одговор на медицинскиот персонал кој прележал ковид, па некои се покажале дека имаат далеку подобар имунитет од другите, шест месеци подоцна откако ја прележале болеста.

Научниците од студијата, спроведена со Конзорциумот за имунологија на Велика Британија, велат дека наодите ја зајакнуваат важноста секој да се вакцинира, без оглед дали бил заразен со вирусот порано во пандемијата, пишува Гардијан.

„Ако ја погледнете траекторијата на имунолошкиот одговор по инфекцијата, главно, таа може да се открие шест месеци подоцна, но е многу променлива меѓу луѓето“, вели Еленор Барнс, професор по хепатологија и експериментална медицина од Оксфорд и виш автор на студија.

„Тоа е сосема различно од вакцинацијата. Ако се вакцинирате, добивате навистина робустен имунолошки одговор, но со природна инфекција има многу поголема разновидност во одговорите кај различни луѓе“, вели таа.

Истражувачите анализирале примероци на крв од 78 здравствени работници кои имале Ковид, со или без симптоми, во периодот од април до јуни минатата година.

Крвта се проверувала месечно до шест месеци по инфекцијата за низа имунолошки одговори. Тука се вклучуваат различни видови на антитела насочени кон вирусот, Б клетки кои создаваат антитела и задржуваат меморија на болеста и Т-клетки, кои ја намалуваат сериозноста на болеста со уништување на заразените клетки.