Со згоди и незгоди се враќа ТВ-серијата за деца „Дајте музика“, низ призмата на модерната генерација и новите идоли

436

Во новиот серијал учествуваат четириесетина деца, најголем дел се од актерската школа на познатата Весна Петрушевска

Од овој 4 ноември 2020 на првата програма на МРТ ќе почне прикажувањето на новата сезона на серијалот за деца „Дајте музика“ со новите 30 епизоди. Снимени се во копродукција на Македонската радио-телевизија и продукцијата „Рифенштал”. Автор на серијалот е Цаци Паковска, а режисер е Марко Ѓоковиќ.
Во новиот серијал учествуваат четириесетина деца, најголем дел се од актерската школа на познатата Весна Петрушевска, а кои се одбрани на јавен повик.
Серијата ќе има многу македонска музика, сопствен детски бенд, детски кавги и помирувања, како и други разни згоди и незгоди на добро познатите старомаалци.

Во новите продолженија преку забавата ќе се поттикнат традиционалните семејни вредности – доброто однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија – низ призмата на модерната генерација и новите детски идоли.

Во тие новите 30 епизоди ќе има 30 музички спотови, од кои 19 се снимени на надворешни локации, како и интересни теми и гости, но и многу нови содржини во однос на минатата сезона. Серијалот се реализираше согласно со препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од Асоцијацијата на европски филмски агенции (ЕФАД).

– Предизвикот беше огромен. Од една страна, имавме проект кој за неполна година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Јутјуб. Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемијата. Нашиот прв приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме. Мислам дека нашата публика ќе биде задоволна од сработеното, објасни Цаци Паковска.