Со грант од ФИТР развиен иновативен производ за гаснење пожари

308

Иновативен производ што се додава во водата за гаснење пожари и го спречување ширење на активни пожари адитив-ретардер „Фирелесс“, на компанијата ВТ „Продакшн“, корисник на кофинансиран грант од Фондот за иновации и технолошки развој, беше презентиран за гаснење на пожар во контролирани услови.
Околу 15 илјади литри раствор од производот ќе бидат донирани на противпожарните служби во земјава за да се види и неговата практична примена на терен.
На демонстрацијата на производот во противпожарната служба во Скопје, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресори Кочо Анѓушев, изјави дека компанијата ВТ „Продакшн“ е добитник на грант од државата за проект во вкупна вредност од 100 илјади евра, од кои 70 илјади евра грант од ФИТР, а околу 30 илјади евра сопствени средства за развој на проектот.
– Станува збор за иновативен адитив што се става во вода за гаснење на пожари. Таков производ нема во регионот и би бил доста корисен. Гледаме колку се актуелни пожарите во овој момент. Средството се меша со водата со која се третира пожарот во некој процент од 12 до 15 проценти. Тие ќе донираат на противпожарните служби 15 илјади литри направен раствор. Се надевам дека овој производ ќе биде комерцијализиран и ќе видиме дека оваа компанија во иднина продава, изјави Анѓушев.
Посочи дека целта на Фондот е да се поддржат малите и средните компании да ги развијат своите производи и да ги комерцијализираат.
ФИТР во првиот круг минатата година потпиша 133 договори за над 16 милиони евра. Буџетот за оваа година изнесува 10 милиони евра.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, рече дека производот може да најде примена не само во Македонија, туку и секаде во регионот, бидејќи проблемот со пожарите е присутен.
Сопственикот на компанијата ВТ „Продакшн“, Владимир Тасевски, рече дека производот е се уште во тек на реализација со цел да се дојде до конечен производ.