Грузискиот тенисер Николоз Басилашвили (30) е обвинет за семејно насилство. Тој ќе мора да оди на суд по изјавите на неговата поранешна сопруга Нели Дорокашвили за настаните од нивниот брачен живот.

За тоа беше уапсен во мај 2020 година, беше пуштен со кауција, па сега ќе мора да оди на суд. Во изјава за локалните медиуми, неговата поранешна сопруга упати голем број сериозни обвинувања.

– На денот на свадбата открив дека ме изневерува. Околу пет-шест месеци по венчавката, почнаа насилството и понижувањето, а потоа следуваше физичкото насилство – изјави Нели.

Таа ги раскажа грозоморните детали и начинот на кој се однесувал славниот тенисер кон неа во текот на заедничкиот живот. Таа откри како изгледало сето тоа.

– Се сеќавам дека кога отидов да спијам по тепачка, ме разбуди со полевање со ладна вода, фрлајќи ми храна на главата и влечејќи ме за косата. Кога ќе постигнеше успех на теренот, доаѓаше дома и викаше: „Јас сум кралот!“ за да бидам негова слугинка – откри поранешната сопруга на тенисерот.

Двајцата го имаат синот Лукас, кој е роден во 2015 година. Таа раскажа за едно од нејзините трауматски искуства за време на бременоста.

– Поголемиот дел од бременоста го поминав сама. Тој инсистираше да поминувам што повеќе време дома поради бременоста, и го послушав. Во тој период, често нè навредуваше мене и членовите на моето семејство, нè нарекуваше „стаорци“, „змии“ и слично.

На крајот од разговорот, новинарката праша зошто останала со него и покрај насилството и сето она низ што поминала. Таа призна дека се плашела да замине.

– Речиси во секој разговор со моето семејство спомнував дека сакам да си одам. Не се изненадија кога слушнаа за разводот. Едноставно се плашев да го оставам – заврши Нели Дорокашвили.

Инаку, Николоз настапи на турнирот во Синсинати против Американецот Мекензи Мекдоналд и на тој меч освои само еден гем (6:0, 6:1). Моментално е 34. играч во светот, а најдобар пласман во кариерата му е 16. позиција на АТП во мај 2019 година.