Случај „Ласкарци“-Адвокатот на возачот на автобусот го испитуваше вештакот Зекири

94

Со испитување на вештакот Зекерија Зекири од страна на бранителот на возачот на автобусот, адвокатот Љупчо Мицевски, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која животот го загубија шеснаесет лица, а над триесет беа повредени.

Адвокатот Мицевски најпрвин го насочи испитувањето на вештакот кон техничките прегледи на автобусот со кој се случи несреќата, како и кон видеата од техничкиот преглед од јули и од декември 2018 година.

Вештакот Зекири истакна дека тие не ги виделe видеата од техничките прегледи на автобусот, поради тоа што не можеле да се отворат, а во супервештачењето што го изработиле, предвид биле земени записниците и извештаите од извршените технички прегледи.

Од тимот вештаци дополнија дека видеата од станицата за технички преглед не се отворале и успеале да видат само едно видео, кое го префрлиле на постар мобилен телефон, од кое направиле принтскринови, кои можеле да се видат во супервештачењето.

Во текот на испитувањето, Зекири беше прашан дали во супервештачењето ги зеле предвид исказите од сведоците во несреќата.

– Ние ги анализиравме исказите на сведоците, но земени се предвид само исказите кои сметавме дека се потребни во однос на нашето вештачење – истакна Зекири.

Адвокатот Мицевски цитираше исказ од сведок од несреќата, кој го дал пред Судот и според кого, пред автобусот да удри во првата барикада на патот, се слушал звук „како удар на метал со метал“ и побара од вештакот да каже дали според тоа може да се заклучи дека автобусот бил неисправен.

– Не можам да кажам ништо од овој исказ и да извлечам заклучок кој би можел да ни помогне во машинското вештачење – истакна Зекири.

Следуваа приговори од адвокатите на останатите обвинети, според кои со начинот на испитување, Мицевски се обидувал да наметне свое видување за автобуската несреќа.

– Во предметов не сме во воведни, ниту во завршни зборови. Ова повеќе личи на теорија на случај под превезот на прашања. Не слушнавме ни П од прашања, ова е негово видување на случајот, што е недозволиво – истакна адвокатот Сашо Дуковски.

Судењето продолжи со испитување на вештакот по исказите од сведоците и наводите од супервештачењето и наредното рочиште за предметот е закажано за 30 март.

Автобуската несреќа кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, а во судскиот предмет обвинети се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“; одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело. (П.Ч.)