Управното тело на Челзи, клупскиот одбор, го поддржа тренерот Томас Тухел во неговата јавна пресметка со робусниот напаѓач Ромелу Лукаку, но тоа не значи дека голгетерот ќе го напушти клубот.

Според познатиот италијански новинар Фабрицио Романо, нема шанси Лукаку да го напушти клубот овој јануари. Незадоволниот Белгиец наводно „заглавил“ на тренинзите, работел интензивно и имал позитивен разговор со тренерот.

  • Тој е наш играч и отсекогаш постоел начин како да се врати. Ќе го расчистиме ова зад затворени врати. Кога ќе донесеме одлука, само Ромелу ќе знае. Можеби ќе дознаете што решивме, истакна Тухел за големите препукувања изминатите неколку дена со Лукаку.

Кон крајот на минатата година Лукаку изјави дека не е задоволен од својата улога и формација, на што реагираше Тухел кој го отстрани од тимот за големото дерби против Ливерпул.

Очигледно, Белгиецот ќе се врати во тимот уште денеска, на натпреварот од Лига купот против Тотенхем. Сезонава на 18 натпревари постигна седум гола, а во декември го прекина „сувиот“ период од дури три месеци без постигнат гол.

Ненадејната сага околу Лукаку секако не е единствениот и најголем проблем на Челзи, бидејќи Манчестер Сити избега на 10 бода на табелата во однос на тимот на Томас Тухел.