„Скопје, одново“: Историјата на колекцијата на МСУ на изложба

83

Во Музејот на современата уметност (МСУ) на 18 ноември ќе биде отворена изложба  „Скопје, одново“, која ќе го прикаже процесот на основање на Музејот и на неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен фокус на американските уметници.

Изложбата „Скопје, одново“ е резултат на соработката помеѓу МСУ и Амбасадата на САД во Скопје, а кураторки на изложбата се Ана Кац (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА) и Кумјана Новакова (кураторка соработничка на МСУ).

Во рамките на постановката ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. МСУ првпат ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли.

Изложбата ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје по земјотресот. Со подароците од автори од цел свет, МСУ станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата се од водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении по земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година.

„Скопје, одново“ ќе понуди и отворена јавна програма која преку филмски проекции, работилници, предавања и водење низ изложбата ќе ги претстави и различните аспекти на изложените дела и архиви.