По кобниот 26 јули 1963 година, кога разбудената енергија го срамни со земја заспаниот град и остави повеќе од 80% од зградите во урнатини, Обединетите Нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија како и Константин Доксиадис од Грција.

Во интернационален тим на урбанисти и архитекти беа вклучени и архитекти од Македонија. Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градовите и општествата можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички и засекогаш го сменија урбаниот пејзаж на Скопје.

Токму како резултат на постземјотресната изградба и идејата за обнова во современ урбан центар, Скопје ја имал таа среќа повеќето новопланирани јавни и колективни станбени објекти да бидат создавани од домашни архитекти кои ја застапувале бруталистичката архитектонска стилска идеја со која македонската метропола стана препознатлива, а во последниве години особен интерес светската архитектонска јавност појавува токму за овие зданија кои се наше недвижно културно наследство и кон нив не се има доволна нега.

На што личи Скопје денес

Скопје денес е модерен град чиј лик секојдневно се менува со нови градби и со рашомонијада од стилови. Ја прашавме Јасминка Намичева, кустос-советник и архитект во Музејот на град Скопје од нејзина перспектива на што и личи денешно Скопје и добивме директен одговор:

– На детска цртанка, во која имате глава од коњ, тело на змија, нозе од жирафа и задник од нилски коњ. До опашката уште веројатно не сме стигнати бидејќи преостанато е уште по некое недоизградено, недоузурпирано ќоше кое е веќе забележано во тефтерот на некој старо-нов градежен тајкун – вели Намичева.

Таа дава одговор и на прашањето зошто Скопје станува нефункционален град иако идеите на светски познати планери беа постземјотресно Скопје да прерасне во модерен „светски град“ во кој хумано ќе се живее.

Од изложбата во Цирих, каде беше презентиран проектот за постземјотресно Скопје и урбаниот конкурс на Обединетите нации

– Затоа што не се испочитуваа во целост идеите и проектите на планерите. Студиите правени од различни светски експерти, како анализи кои ќе помогнат во што поуспешното урбано планирање на градот, раководено од домашните тимови урбанисти од Заводот за урбанизам на град Скопје, по 1963 година се и ден-денес изучувани по светските универзитети за урбанизам како одличен пример за идеална проектантска постапка. Сепак реализацијата на конечниот урбан план беше непочитувана до крај и така добивме низ годините деформирана слика на градот. Кон тоа секако придонесе лабавото спроведување на санкционите мерки за урбано непочитување. Сведоци сме дека колективните интереси на граѓаните се почесто се ставани на последно место, пред личните интереси на различни инвеститори, кои за жал изнаоѓаат законски начини како да ги спроведат своите незаконски идеи – потенцира Намичева.

Според неа, Проектот „Скопје 2014“ беше само капката што ја прелеа чашата. Намичева смета дека хаосот со урбаното дивеење е малку подолготраен и многу токсичен процес од кој сега само ги гледаме резултатите и гангренозните рани.

– Дебар Маало и Буњаковец за краток временски период го претворивме во чудовиште со нехуман простор за живеење натрупан со станбени блокови наредени еден до друг како лего-коцки. А таму во тој простор се наоѓаа сè уште преостанати некои од репрезентите на станбената архитектура од периодот помеѓу двете светски војни, проектирани од значајни архитектонски имиња, објекти кои ги нарекувавме „скопски палати“ и кои го имаа шармот на предземјотресното Скопје. Дефинитивно немаме чувство за сопствената архитектонска историја, па можеби и затоа така лесно ни се случи и ни го облекоа и тоа трагикомично лице на Скопје 2014 кое ќе го влечкаме како грда лузна пред светската архитектонска јавност за навек – децидна е Намичева.

Под „закрила“ на законот

Таа потенцира дека во последните години и домашната, но и светската јавност голем интерес пројавува за судбината на објектите од постземјотресниот период создавани од домашните реномирани архитекти кои го застапувале бруталистичкиот стил во своите новопроектирани објекти.

Намичева со жалење констатира дека не само овој тип на недвижно културно наследство е со недоволна нега, туку и многу други објекти се буквално агресивно нападнати или од изградбата на соседни нови објекти, или пак, како што нагласува „од квази идеите за префасадирање на постојните објекти со барокни стиропор фасади, или пак, едноставно се оставени на забот на времето без какви било инвестиции во нивно тековно одржување“.

– Не знам што е пострашно. Последните години, на пример, зградата на Старата железничка станица, во која е сместен Музеј на град Скопје, како симбол токму на она предвоено Скопје, но и на земјотресно Скопје, симбол на солидарноста и сето она што го подигна овој град од урнатините, е објект за кој државата дозволи да биде најбрутално нападнат од сите страни со трговскиот објект кој во недозволиво голема близина се гради.  Апелите на Музеј на град Скопје, до сите релевантни институции кои треба како држава да го заштитуваат стариот објект се со слаб ефект. След неколку месеци кога „новокомпонираниот објект“ ќе биде завршен и ќе бидат тргнати металните градежни огради, тогаш јасно ќе се соочиме со она што значи загрозено културно наследство со тотално девастиран објект на старата железничка станица – со поплавени подрумски простории како резултат од бетонските работи на новиот објект; со тони градежен шут расфрлан околу стариот објект; девастирани постојни простории кои државата ги урна „за да им ја расчисти локацијата“ на соседите инвеститори – кога требаше да почнат со градба час порано; појава на пукнатини по фасадата и во подовите на стариот објект; заради слегнувањето на тлото под новиот изграден масивен објект во соседството и можам да набројувам до бесвест и пак ќе нема крај – вели таа.

Намичева додава дека оние кои државата ги назначи да го штитат стариот објект, односно да го спроведуваат конзерваторскиот надзор, веројатно само од ним познати причини тврдат дека се е во ред, согласно законот.

– Наскоро ќе видите колку навистина се е во ред, се разбира „под закрила на  законот“. На објектот од Старата железничка станица, веројатно нема повеќе да се навраќаме за да го покажеме некому како лендмарк – дијамантот на Скопје, туку ќе го заобиколуваме „поттурнувајќи го под чергичето“, додека до него ќе не заслепуваат неонските реклами од грандиозниот „Дијамантски трговски центар“, кому ќе треба еднакво да му се радуваме затоа што верувале или не, ама во него е со закон предвидено да има дури десетина проценти простори со „културна намена“ – потенцира Намичева.

Јасминка Намичева и во позадина арх. Мимоза Томиќ, еден од доајените на македонскиот урбанизам која беше директно вклучена во проектантските активности на разработките на плановите во Завод за урбанизам на Скопје

Грешките во урбанизмот и градежништвото тешко се поправаат. Ја прашавме дали има простор нешто да се стори?

– Урбанизацијата на секој град е долг и многу комплексен процес, кој бара континуитет и почитување на претходните урбани матрици, но пред сè тоа не значи само изградба на нови населби и објекти, туку изискува формирање на нови навики, нови современи сознанија и создавање и развивање на урбанистичка свест и култура. Изискува ригорозно почитување на предвидените урбани норми. Сè додека има отстапувања и компромиси и неспроведување на санкции за прекршувачите на тие урбани норми и планови, се дотогаш ќе нема надеж дека што било може да се стори – констатира Намичева.

Како урбанистичките планови во изминативе 100 години го обликувале градот?

Повеќе од 110 години се изминати од првиот официјален урбанистички план за Скопје изработен од архитектот Димитрије Леко во 1914 година. Овој план бил подлога за изработка на сите планови по Првата светска војна, додека некои од неговите идеи и концепции се актуелни и многу години покасно.

Една од последните фотографии направени во работните простории на бараката од Завод за урбанизам на Скопје, која изгоре до темел пред неколку години. Во преден план е макетата од кензо Танге, со разработката на транспортниот центар на Скопје, која по пожарот исчезна во непознат правец и кај непознат сопственик

– Во организацијата на градот биле истакнати неколку градски центри различни по карактер и намена, како и големите изложбени паркови во реонот на Чаир, комплетен општествен центар и остров за рекреација на Вардар – потенцира Намичева.

Во 1922 година инженерот Хранислав Спасиќ, изработил регулационен план на десниот брег на Вардар, додека во 1924 година инженерот Петар Јанковиќ ја изработува регулацијата на левиот брег. Двата плана се изработени врз основа на планот на архитектот Димитрије Леко.

– 1929 година била пресвртница за урбаниот развој на градот, кога тогашниот председател на општината, урбанистот архитект Јосиф Михајловиќ речиси го става дотогашниот план надвор од сила и изработува нов план. И овој проект го почитува  планот од 1914 година, но во него јасно е изразен кружниот сообраќаен прстен со тунел под Калето. На периферните делови од градот биле проектирани станбени реони по примерот на тогашните странски концепции. Тогашниот план имал проекција за раст на градот од 120 до 150 илјади жители, и согласно тоа се проширил кон нови станбени населби – нагласува Намичева.

Со измените на општествениот систем и економскиот развој по Втората светска војна, сите стари урбанистички планови на Скопје не можеле да одговорат на современите барања. Затоа, веднаш во 1946 година инженер Драган Петрик изработил нов директивен план, кој го карактеризирале развиени површини за индустрија, додека истиот план бил доработен покасно од архитект Михо Чакеља, во кој е монументално третиран комплексот со општествени објекти од Железничката станица до Бетонскиот мост. Кале, Гази Баба и ридот во Чаир се три значајни рекреациони зони.

– Конечниот регулационен план е завршен 1948 година од група урбанисти од Чехословачка Социјалистичка република. Планот извршил јасна поделба и систематизација на градските зони со можност за нивни непречен развиток. Главниот сообраќаен костур е формиран околу улицата –Партизанска. Архитект Лудек Кубеш покасно прави дополнување на Генералниот регулационен план. Во 1955 година инж. арх. Љубе Пота и тимот прават доработка на постоечкиот план каде со систем на сообраќајници го ослободуваат брегот на Вардар од моторен сообраќај, а железничката станца е поврзана во општ сообраќаен систем на градот – вели Намичева.

Со катастрофалниот земјотрес од 1963 година целокупната предходно градена урбана матрица на градот Скопје, особено на централното градско јадро е нарушена. Токму затоа во 1963 година Обединетите нации распишуваат меѓународен конкурс за урбано решение на централното градско јадро на Скопје, на кое првонаградени се трудот на архитект Кензо Танге со 60 проценти, а останатиот дел од наградата ја добива хрватскиот тим архитект Мишчевиќ-архитект Венцлер. За жал и оваа идеја не била целосно испочитувана, туку по 9 разработки е донесено конечно решение, по кое била спроведувана новата организација на градот веднаш по 1965 година.

(С.Бл.)