Скопје и Белград најавуваат практични решенија од договореното во Нови Сад и Охрид

66

По отворањето на „оне стоп шоп” моделот на преминот Табановце и потпишувањето на договорите за овластен економски оператор, Влада на Северна Македонија веќе работи на имплементација на договореното од состаноците за „Малиот Шенген”, изјави денеска премиерот Зоран Заев по затворањето на 4-от Регионален младински форум во Нови Сад.

– Во моментот работиме на Законот за странци за добивање на работни дозволи и се надевам дека до декември тој ќе помине во Собранието, со што граѓаните од целиот регион, во која било земја ќе бидат исти како и граѓаните од самата земја и нема да имаат потреба шест месеци да чекаат работни дозволи и од целата таа постапка која постои, изјави Заев.

Тој додаде дека се „работи и на признавањето на документацијата што ја вадат соодветните агенции, а со меѓусебното признавање ќе ги преполовиме или воопшто нема да има потреба од контроли на фитосанитарните служби, Агенцијата за храна и ветеринарство и другите служби, кои треба да го интегрираат овој систем, при што една дадена дозвола од која било земја ќе биде прифатлива за сите држави.

Работиме и на информатичката поврзаност и верувам дека ќе успееме во тој дел и во тек се и други проекти, изјави Заев, оценувајќи дека со ова се сака да се покажат практични решенија од потпишаните декларации, што ќе биде доволен притисок на институциите побрзо да носат законски решенија.

Како што јави дописникот на МИА, српската премиерка Ана Брнабиќ, од своја страна, истакна дека и Србија има покренато повеќе иницијативи за имплементирање договореното во Нови Сад и Охрид.

Најбрзи резултати може да воспоставиме во слободното движење на стоки и во признавањето на професионалните квалификации кои ќе доведат до тоа да не бидат потребни дополнителни работни дозволи, кои ќе можат да се добиваат автоматски и во што е можно пократок временски период, за луѓето кои сакаат да работат тука, изјави Брнабиќ.

Таа како пример на успешна соработка го истакна отворањето на „едношалтерскиот граничен премин”, кој, како што рече, би можел и подобро да функционира, поради што ќе се работи на електронско поврзување на царините и на ветеринарските и фитосанитарните инспекции, со цел да нема двојни контроли и да се обезбеди побрз проток на стоките на пазар од 12 милини луѓе, со што иницијатива за Мал Шенген ќе стане најдобар проект, кој на краток рок може да донесе поголем конкурентност, нови и подобро платени работни места.

На маргините на Четвртиот младински форум во Нови Сад, Заев и Брнабиќ имаа билатерална средба на која централна тема била заедничката заложба за континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.

Како што соопшти владината Прес-служба на средбата било оценето дека во насока на остварување на овие заложби од особено значење се интензивните средби на претседателско и на премиерско ниво во последните три-четири месеци во Северна Македонија и во Србија, како и средбите на регионалните форуми.

На средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ стана збор и за акцискиот план за имплементација на декларацијата за унапредување на регионалната соработка која што иницијативата на Северна Македонија, Србија и Албанија, се донесе во Охрид, во проширен формат за да се засили спроведувањето на конкретните мерки за четирите слободи, односно слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, што е во согласност со повеќегодишниот Акциски план усвоен на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес и документите на Европската комисија и што треба да помогне кон забрзувањето на интеграцијата на регионот и полноправното членство во ЕУ, се додава во соопштението.

Двајцата премиери оцениле дека инфраструктурното поврзување како дел од регионалната соработка добива се по нагласена димензија, и во таа насока се согласиле дека е потребно двете земји да ја интензивираат комуникацијата за идентификација на заедничките интереси и заеднички настап заради добивање поддршка за реализација на транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти и иницијативи од взаемен интерес со регионален предзнак.