Скопјани за пола година направиле околу 75.000 тони комунален отпад

183

Во периодот јануари-јуни 2020 година, ЈП „Комунална хигиена“ подигна и транспортира вкупно 74.578 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот. Ова количество на отпад што го создале скопјани било одложено во над шест илјади подземни и надземни контејнери кои што биле празнети секој ден од екипи на претпријатието и во три смени, додека, пак, два пати во неделата се подигнувал отпадот од 90.000 канти во индивидуалните домаќинства.

– Во текот на првите шест месеци од годината беа отстранети 7.081 кубен метар отпад одложен на јавни површини, што претставува зголемување од над 52 проценти во однос на расчистените диви депонии во истиот период минатата година – информираа од ЈП „Комунална хигиена“.

Континуирано се дезинфицираа сите подземни и надземни контејнери, вклучително со нивните микролокации.

– По прогласувањето на светската пандемија на вирусот Ковид-19, на почетокот на март 2020 година, започнавме да функционираме со двојно зголемен обем на активности, спроведувајќи голем број вонредни мерки и акции, со цел на највисокото можно ниво да ја одржиме хигиената и чистотата на јавните површини во градот Скопје – вели директорот Абдусамед Шабани.

Воедно, вкупно 400 работници секојдневно беа ангажирани за рачно чистење и метење на јавните површини, додека централното градско подрачје и поголемите сообраќајници во сите скопски општини се одржуваа и со употреба на специјални комунални возила-метларки. Со цел спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, ЈП Комунална хигиена-Скопје во овој период секојдневно спроведуваше машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на плоштадите и Клиничкиот центар.

– Нашите секојдневни активности ќе ги насочиме кон намалувањето на ризикот за проширување на вирусот Ковид-19. Во таа насока, неодамна беше отворено и ново Одделение за грижа за корисниците, при што на граѓаните им ја понудивме можноста за онлајн-плаќање – рече Шабани.  

(С.Бл.)