Возачите на Формула 1 спаѓаат во кругот на најплатените спортисти на планетата, а кога станува збор за оваа година, највисоките уплати завршија на сметката на Луис Хамилтон.

Британецот, кој е и овогодишен шампион, заработи дури 47 милиони евра. После него, најголема заработка има Себастијан Фетел со 35 милиони, додека Даниел Рикардо годинава е побогат за 20 милиони евра. Следат Макс Верстапен (16), Валтери Ботас (9) и Шарл Леклер (9), а Кими Раиконен има заработка од шест милиони.

Сите возачи на најбрзиот циркус на светот собраа вкупно 267.25 милиони евра.

Инаку, седумкратниот шампион во Формула 1 ќе ја пропушти наредната трка во Бахреин, откако минатата недела имаше три негативни теста на ковид-19, но во понеделникот доби благи симптоми по контакт со личност која е позитивна на корионавирус.

Мерцедес ќе соопшти кој возач ќе го замени Хамилтон претстојниот викенд, а главни опции за неговата позиција се резервните пилоти Штофел Вандорн и Естебан Гутјерес.

Британецот славеше на последната трка која исто така се возеше во Бахреин, на која се случија неколку големи инциденти, пред се оној на Роман Грожан, кој успеа со крајни сили да излезе од болидот што гореше.

Последната трка во најбрзиот циркус на денешницата е на 13 декември, кога на програмата е Големата награда на Абу Даби.