Силниот ветар корнеше дрвја, фасади, летаа покриви, а еден беше повреден

322

Како најрадикален, скопскиот градоначалник Петре Шилегов го наведе примерот на булеварот „Партизанска“, во делот помеѓу мостот „Обединети нации“ и ТЦ „Сити мол“, каде при паднат кров за среќа имало само едно повредено лице. Освен тоа, имало и околу педесетина паднати дрвја на различни локации во градот, неколку паднати фасади од објекти од проектот „Скопје 2014“, а сериозно  е оштетен покривот на хемиското училиште „Марија Кири Склодовска“. Делумно оштетување имало и на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“

 

Ветерот што во средата вечер дуваше со јачина од над 70 километри на час, а некаде достигна и до 100, предизвика големи штети во Скопје. Од невремето кое траеше повеќе од четири часа, повеќе улици беа попречени од паднати дрвја, а силниот ветер носеше покриви, имаше и паднати фасади на објекти кои оштетија автомобили, но можеа да настрадаат и луѓе, иако, за среќа, имаше само еден повреден.

Сумирајќи ги штетите од невремето скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска информираше за неколку оштетени покриви од станбени згради.

– Најрадикален беше примерот на булеварот „Партизанска“, во делот помеѓу мостот „Обединети нации“ и ТЦ „Сити мол“. При паднат покрив, за среќа, имавме само едно повредено лице. Има околу педесетина паднати дрвја на различни локации во градот, неколку паднати фасади од објекти од проектот „Скопје 2014“, а имаме сериозно оштетен покрив на хемиското училиште „Марија Кири Склодовска“ и мало делумно оштетување на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ – изјави Шилегов.

Поради оштетениот покрив, денеска во хемиското училиште немаше настава, а екипи на Противпожарната бригада и на јавното претпријатие „Улици и патишта“, со кранови ги отстрануваа деловите од паднатиот покрив. Запрашан зошто претходно не била направена санација на покривот, Шилегов појасни дека во 2009 година бил саниран од страна на Министерството за образование и проценката на градските власти била дека нема потреба да се изврши реконструкција на нешто што било направено многу бргу.

– Паднатиот покрив покажа дека во минатото кога се вршеле градежните работи не се внимавало на квалитетот. Ние направивме само реконструкција на фасадата за да биде енергетски ефикасна и таа не се оштети по невремето – истакна Шилегов.

(А.П.)