Се става нов асфалт и тротоари на улица “Брадфордска”

153

Нов коловоз и тротоари во должина од 200 метри ќе добие улицата “Брадфордска” во скопско Козле. На потегот од крстосницата со булевар “Митрополит Теодосиј Гологанов” до крстосницата со улица “Козле” ќе бидат асфалтирани околу 2.500 квадратни метри и тротоарска површина од 273 квадрати.

Градоначалникот на Град скопје, Петре Шилегов изврши увид во градежните работи на оваа улица, која речиси секојдневно ја користат граѓаните кои живеат или работат на територија на Карпош и околината.

– Град Скопје со почетокот на градежната сезона ги интензивира градежните активности на градските сообраќајници. Улица „Брадфордска“ веќе десет години е раскопана и со денивелација на шахтите и е голем проблем за скопјани. Овде во практика може да се види и новиот комунален ред што го воспостави Град Скопје, а тоа е компаниите на отворен повик да се пријават за извршување на прекопи, бидејќи потоа нема да биде дозволено. Очекувам во наредните денови да се интензивираат градежните активности и до крајот на месецот да имаме целосно реконструирана и побезбедена улица за сите учесници во сообраќајот – рече Шилегов.

Реконструкцијата на улицата “Брадфордска” е предвидено да заврши до крајот на овој месец, а Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 5,3 милиони денари.

Шилегов истака дека Град Скопје со интензивната градежната сезона ќе продолжи во наредниот период со реконструкција и проширување на повеќе булевари и улици, како што се „Партизанска“, „Крсте Мисирков“ и „АСНОМ“.