Се продава имот на пропаднатата Македонска банка вреден најмалку 700 илјади евра

698

Еден од најголемите шокови на банкарскиот селектор во земјава го зададе пропаѓањето на Македонска банка – некогашна Љубљанска банка пред 16 години.  Македонска банка беше трета по големина банка во земјава – водечка според инфраструктурата, со дури 40 експозитури во триесетина градови и недвижен имот.

Стечајниот управник Владица Ивановска, става на продажба недвижен имот на Македонска банка која е во ликвидација. Во зграда на улица „Ѓорче Петров“ број 11А се продава деловен простор со површина од 333 квадратни метри, тераса од 165 квадрати, подрум од 35 м2 и уште еден деловен простор со површина од 80 квадратни метри. Вкупната проценета вредност на овој недвижен имот изнесува 35.299.634 денари или 574 илјади евра.

Продажбата е по електронски пат без утврдена почетна цена, а минималниот износ на наддавање изнесува еден милион денари.

Исто така, на продажба се ставени и два стана на Македонска банка во Пештани, Охридско. Едниот е со површина од 39 квадратни метри со проценета вредност од 2.412.010 денари (39 илјади евра), а вториот е со квадратура од 78 м2 со проценета вредност од 4.824.019 денари (78 илјади евра).

Вкупната проценета вредност на овој имот изнесува околу 700 илјади евра. Електронската продажба со јавно наддавање без утврдена почетна цена ќе се одржи на ден 05.06.2023 година со почеток во 12 часот.

Оваа банка го преживеа распадот на тогашната ЈУ федерација, но потклекна под ударот на политичко профитерство. Контроверзиите почнуваат во 2001 година и во годините потоа, наместо заздравување – започнува процесот на пропаѓање и обезвреднување на банката. Во 2007 година со потпис на тогашниот гувернер Петар Гошев, банката оди во ликвидација.

Наодите покажуваат дека таа е заглавена со 35 милиони евра  – ненаплатливи кредити. Во моментот на одземање на дозволата за работа, газда Нини поседува 80% од акциите во Македонска банка. Ова досие сè уште е на сила, а дел од граѓани кои имале кредити раскажуваат дека преку извршители им се наплаќаат големи камати за кредити дадени од банка која не постои 16 години.