Се огласи Муцунски за приведениот наставник: Обврска на институциите е да обезбедат квалитетен образовен процес, неопходно е случајот да биде целосно расчистен

83

Градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски се огласи по повод информациите дека учителка е уапсена во акција на МВР за дрога. Според неговите информации станува збор за наставник кој работи во ОУ „Александар Македонски“.

Градоначалникот порачува дека општината ќе соработува со МВР во расчистувањето на случајот.

Вчера во тек беше полициска акција за приведување на дилери на дрога на територијата на Скопје, а медиуми откирја дека меѓу приведените е учителка од основно училиште. Полициската акција се однесува на сузбивање на улични дилери на амфетамин. Од полицијата велат дека со повеќе детали ќе излезат подоцна.

„Утрово примив информација дека поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело, припадниците на Министерството за внатрешни работи привеле наставник кој подолг временски период работи во основното училиште „Александар Македонски“.

Како градоначалник, родител и универзитетски работник, но и како човек кој преку активностите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје,  директно е поврзан со правото и е дел од образовниот процес цврсто стојам на ставот дека наша обврска е да дадеме се од себе за на децата да им овозможиме училишните денови да ги поминуваат во здрава средина.

Процесот на социјализација и едукација на дечињата не смее да се поврзува или да биде обременет со било каква нелегална активност која е во спротивност со законот.

Наша обврска е како институции да овозможиме квалитетен образовен процес во кој ќе ги надминеме сите пречки и недостатоци. Инсистирам случајот да биде расчистен во целост и во таа насока потенцирам дека основното училиште и Општина Аеродром веќе соработуваат со надлежните институции за спроведување на законот“, објави Муцунски.