Сеќавање на храброста и пожртвуваноста на борците кои не дозволија окупаторот да го урне Камениот мост и да ја минира браната Матка

169

Главниот град утре слави. Се гордее на 77 години проживеани во слобода и на овој ден запишан во историјата заслужено им оддава почит на борците за сè она што го направија, денес да живееме спокојно радувајќи му се на секој нов ден, на животот. Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци, за весникот ВЕЧЕР напоменува дека германскиот окупатор сакал да го урне Камениот мост во центарот на Скопје. Вели дека партизаните неуморно ја бранеле браната Матка и не им дозволиле на Германците да ја минираат

Градот убав пак ќе никне, среде песни в дружен фат, пак ко сонце цел ќе бликне, како топол нежен кат. Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, и ќе бидеш израз свиден, на сè братско во овој свет. Покрај Вардар ќе се крене, ќе го буди детски вик, и ќе брои ново време, радост ќе му краси лик. Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, и ќе бидеш израз свиден на сè братско в овој свет.

Ова е песната која секогаш потсетува на тоа дека Скопје и покрај сите премрежја успева да се издигне како феникс од пепелта. Потсетува на тоа дека благодарение на храброста, пожртвуваноста и крвопролевањата на борците кои на 13 ноември 1944 година во жестоките борби со окупаторот, Скопје сега ја има слободата.

Токму затоа и оваа песна стана химна на фестивалот на детската песна „Златно славејче“ кој години наназад се одржуваше во чест на празникот на градот.

Да, Скопје утре слави. Градот убав пак никна, се разви во метропола која може рамо до рамо да се носи со европските. Се гордее на 77 години проживеани во слобода и на овој ден запишан во историјата заслужено им оддава почит на борците за сè она што го направија, денес да живееме спокојно радувајќи му се на секој нов ден, на животот.

Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци, за весникот ВЕЧЕР ја раскажува приказната токму за денот кога на 13 ноември 1944 година, главниот град бил ослободен од германскиот непријател. Иако, тој лично не учествувал во борбите за ослободување на градот, вели дека најголема заслуга за ослободувањето на Скопје имале третата, дванаесеттата и шеснаесеттата  Македонска бригада. Претходница биле диверзантски групи што ги уривале железничките пруги и патишта за да се олабави силата на непријателот.

– Значајно е да се потсети дека германскиот окупатор сакал да го урне Камениот мост во центарот на Скопје, но треба да се напоменат и борбите кај Матка. Партизаните неуморно ја бранеле браната и не им дозволиле на Германците да ја минираат, а истото тоа го сториле не дозволувајќи да се урне Камениот мост – вели Бурески.

Во градот имало десетина главни упоришта што ги држеле Германците. Меѓу другите биле: железничката станица, Офицерскиот дом, Женската гимназија, на местото каде што денес е Владата, пред споменикот на ослободителите, а најтешките борби се воделе во зградата на учителската школа која била лоцирана кај паркот во Идадија, каде бил скршен отпорот на Германците. Се воделе улични борби, а помагале и обичните граѓани во храна, но и во сместување на ранети.

Битката за Скопје била изведена со голем успех бидејќи биле спасени сите мостови во градот, а обезбедени биле и зградите претходно веќе минирани. Германските единици успеале да ги урнат железничките мостови во Скопје и Ханриево (денешна населба Ѓорче Петров), едно крило од зградата на Железничката станица, а нешто подоцна од непронајдена мина била оштетена и зградата на Народната банка.

Во борбите за Скопје загинале 426 борци. Од нив осум биле жени, а 418 мажи. Во оваа бројка ги нема цивилните жртви. Се смета дека последни стрелани скопјани се деветмина: Драган Јакимов, Дончо Андонов, Јордан Јакимов, Перо Јовановиќ, Пантелеј Давчев, Перо Червеников, Светислав Ѓуриќ, Фоки Владимиров и Христо Kараџа. Тие биле стрелани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор и во нивна чест е подигнат и споменик.

 

Оддавање почит на заслужните со полагање свежо цвеќе

 

По повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, денеска во 11 часот ќе биде положено свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, а во 11:30 часот и на гробот на Михајло Апостолски. Свеченост со полагање свежо цвеќе во 12:30 часот ќе се одржи и пред споменикот на ослободителите кај Владата.

Во 19:30 часот ќе се одржи и свечена академија во Македонската опера и балет, каде на добитниците ќе им биде врачена 13-ноемвриската награда. А специјално за оваа пригода е подготвен и модерниот балет „Станица Скопје“, во кореографија на Игор Киров.

(А.П.)