Седум “црвени лавови“ утре пристигнуваат во Скопје

773

Првите седум од 33-те автобуси на гас, или како што Хрватите ги нарекуваат „црвени лавови“ во вторникот тргнаа од Загреб за Скопје. Веста прв на Фејсбук ја објави градоначалникот Петре Шилегов, но градските власти засега не сакаат да дадат информации кога треба автобусите да пристигнат.

Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), пак, за весникот ВЕЧЕР информираа дека станува збор за шест единечни и еден зглобен што се очекува да стасаат утре.

– Деновиве треба да тргнат уште шест автобуси (четири единечни и два зглобни). Поради пандемијата со ковид-19 и затворените граници, автобусите се транспортираат со организиран конвој – истакнаа од ЈСП без да прецизираат кога ќе бидат пуштени во сообраќај и на кои линии.

Првично беше кажано дека првите десет, од купените 33 екоавтобуси требаше да пристигнат во март, но транспортот се одложи поради пандемијата и затворените граници.

Според договорот со хрватската компанија „Ауто Хрватска“ потпишан во септември 2019 година, набавката треба да биде сукцесивна, со тоа што сите автобуси токму овој месец требаше да бидат во Скопје.

Набавката се однесува за 33 нископодни автобуси од кои 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Автобусите ќе имаат мотори еуро 6 стандард и во нив ќе има дополнителна опрема, како што се вградени полначи за телефони. Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички. Ќе прават годишна потрошувачка од 16.418 евра.

(А.П.)

 

 

 

 

 

 

 

СКОПСКА