Светот е во “црвена паника поради економската рецесија”: Се заканува огромен скок на цените на нафтата!

Членките на Групата седум најбогати западни демократии (Г7) разгледуваат механизам за ограничување на цената на руската нафта во обид да ја ослабат воената машина на претседателот на Русија, Владимир Путин во Украина

462

Додека растот на цените на нафтата како последица од руската инвазија на Украина веќе се заканува на економската, политичка и социјална стабилност ширум светот, со предупредувања за рецесија, аналитичарите предвидуваат дека нафтата би можела и дополнително да поскапи, повеќе од три пати во однос на сегашната цена, пренесува “Радио Слободна Европа”.

Аналитичарите од банката “J-P Morgan Chase” предупредиле дека глобалната цена на нафтата би можела да достигне стратосферски 380 долари по барел ако Русија на американските и европските санкции одговори со намалено производство на нафта, истакнува “Bloombeg”.

Членките на Групата седум најбогати западни демократии (Г7) разгледуваат механизам за ограничување на цената на руската нафта во обид да ја ослабат воената машина на претседателот на Русија, Владимир Путин во Украина, укажува “Bloomberg”. Од друга страна, аналитичарите на “J-P Morgan Chase” оценуваат дека Русија, со оглед на силната фискална позиција на Москва, може да си дозволи намалување на дневното производство на сирова нафта за пет милиони барели без претерана штета по економијата.

За остатокот од светот, меѓутоа, тоа би можело да биде катастрофално, со оглед на тоа дека, според проценката на аналитичарите, намалување на дневното производство за три милиони барели дневно би ги турнало референтните цени на нафтата во Лондон на 190 долари по барел, додека најлошото сценарио од пет милиони би можело да значи стратосферски 380 долари. Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика (IAE) Фатих Бирол, предупредил дека светот е во “црвена паника поради економската рецесија” , додека растот на цената на енергентите создава глобална инфлациска криза, укажува “Times”. Бирол за моменталната ситуација рекол дека е „прва глобална енергетска криза“, полоша од нафтениот шок во 1970-тите години бидејќи опфаќа и нафта и гас и електрична енергија. Организацијата на земји извозници на нафта (OPEC) и нејзините сојузници минатата недела договориле зголемување на производството за 648.000 барели дневно. Додека аналитичарите предвидуваат дека цената на барел нафта може да скокне од околу 110 долари на 380 долари, Бирол рекол дека “IAE” ја повикала Саудиска Арабија и другите земји членки да го зголемат производството, пренесува лондонскиот весник.

Иако Г7 и “IAE” се договориле да ја истражат можноста за ограничување на цените на руската нафта за да се намали приходот на Москва, критичарите, како што наведува “Times”, предупредуваат на мали изгледи дека тоа ќе успеат да го направат без поддршка на земји како Кина и Индија. И самиот Бирол рекол дека тоа не може да се случи само како резултат на акциите на земјите од Г7.