САД: КлептоКепчур и РЕПО ќе го ловат имотот на руските олигарси

22

Оперативната група за руски елити, помошници и олигарси (РЕПО) која беше најавена од САД, Австралија, Канада, Германија, Франција, Јапонија, Велика Британија и ЕК, денеска започнува со работа, соопшти американското Министерство за правда.

Оваа мултилатерална оперативна група лидерите на земјите ја најавија на 26 февруари, два дена по почетокот на руската инвазија на Украина. 

Во неа секоја од земјите е претставена од своето министерство за финансии и правда или друго соодветно, и тие се задолжени да собираат и споделуваат информации за преземање конкретни акции како санкции, замрзнување активи, граѓанска и кривична заплена на активи и кривичен прогон на руските бизнис тајкуни и олигарси, блиски на претседателот Владмир Путин. соопштија денеска од министерството.

Се проценува дека тие финансиски ја поддржале и ја овозможиле неговата агресија врз помалиот сосед. 

Од министерството укажуваат на досегашните заеднички успеси со заплена на повеќе пловни објекти и летала контролирани од санкционирани индивидуи и ентитети. Се проценува дека овие пловила вредат стотици милиони долари вкупно, велат од министерството. 

-Веќе работиме со нашите партнери за замрзнување и заплена на сопственост во посед на санкционираните руски олигарси низ целиот свет, изјави главниот обвинител Мерик Гарланд. 

Додаде дека заедничката работа продолжува „за да се преземат соодветните чекори против оние чии чинови на криминал ѝ овозможуваат на руската влада да продолжи со незаконската војна против Украина“. 

-Нашите санкции, трговски санкции и други мерки веќе нанеле значајна штета на Русија, нејзиното лидерство, и оние кои ја овозможија непровоцираната инвазија на Путин во Украина“, изјави министерката за финансии Џенет Јелен.

САД веќе оформија своја оперативна група за заплена и замрзнување на имотот на руските олигарси наречена КлептоКепчур, а која ќе содејствува со меѓународните напори изведени преку мултилатералната РЕПО, соопштуваат од министерствто. 

Министерството презема мерки за зајакнување на соработката и интерна размена на информации, и наскоро се очекува да ја промовира наградната програма Враќање активи од клептократијата, која нуди награди во исплати за информации што водат кон заплена, задржување и конфискација на активи поврзани со странска владина корупција, вклучително и владата на Русија.