Родените пред 1967 година писмено ќе се изјаснуваат дали остануваат во вториот пензиски столб

206

Доколку писмената изјава не ја дадат до крајот на септември годинава, од 1 октомври автоматски ќе им прекине членството во приватниот задолжителен фонд, а парите од него ќе им се префрлат во ПИОМ

Граѓаните родени пред 1 јануари 1967 година кои доброволно се зачлениле во вториот пензиски столб најдоцна до крајот на септември годинава треба писмено да се изјаснат дали и понатаму ќе останат во него, или ќе го прекинат членството, информираат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

Оттаму соопштуваат дека ова се однесува на лицата кои доброволно склучиле договор за членство и прв пат се вработиле пред 1 јануари 2003 година.

– Согласно измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување доброволните членови родени пред 01.01.1967 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во вториот пензиски столб со давање на писмена изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд или ќе го прекинат членството во вториот пензиски столб со давање писмена изјава за престанување на членството во задолжителен пензиски фонд, се наведува во соопштението на МАПАС кое е објавено и на нивната веб страница.

Со изменетиот Закон е предвидено од 1 октомври годинава автоматски да им прекине членството во вториот пензиски фонд на обврзниците кои бараната писмена изјава нема да ја дадат до 30 септември. Со прекинување на членстовто во вториот столб нивните пари се префрлуваат во првиот столб, односно Фондот за ПИОМ.

– Друштвото ќе ја затвори неговата индивидуална сметка и ќе го пренесе вкупниот износ на средствата во Фондот на ПИОМ, односно членот ќе остане осигуреник во Фондот на ПИОМ, појаснуваат од МАПАС.

Оттаму им советуваат на членовите при изборот помеѓу продолжување или престанок на членство во задолжителен пензиски фонд, да ги имаат во предвид возраста, годините на работен стаж при зачленување во втор пензиски столб, очекуваните години на вкупен работен стаж, висината на пензиските придонеси кои им се уплатувани досега, висината на идните очекувани придонеси кои ќе им се уплатуваат и други фактори. Граќаните кои нема да можат да се снајдат и да ја донесат вистинската одлука, можат да побараат помош во МАПАС со јавување на телефонскиот број 02 3224 229.

Правото на одлука со измени на Закон се дава откако се утврди дека граѓаните кои се зачлениле во вториот пензиски столб на подоцнежна возраст добиле драстично помали пензии отколку што би имале кога би ги примале само преку ПИОМ. Пред околу две години тројца пензионери оштетени со членството во приватен фонд се пожалија кај Народниот правобранител, по што тој алармираше за ситуацијата, што, пак, беше повод да почнат да се изготвуваат законските измени. Според тогашните проценки овој проблем засега најмалку 300 граѓани кои се зачлениле во вториот столб 10 до 15 години пред пензионирањето.

Пресметките тогаш упатија на тоа дека членстовото во вториот пензиски столб е неповолно за лицата кои при потпишувањето на договорот за членство во него имале 38 години, односно биле родени пред или во 1967 година, имале најмалку пет години работен стаж и нивното прво вработување било во 2003 година.

(С.В.)