Редовна седница на Владата, повеќе точки на дневен ред

30

Владата напладне ќе одржи редовна седница на чиј дневен ред се повеќе точки.

Владината прес-служба соопшти дека ќе бидат разгледани измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година. Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доставена е и Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година.

Министрите ќе го разгледаат и Предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за склучување договор за заемно признавање на професионални квалификации на доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти во контекст на договорот за слободна трговија на Централна Европа.

На дневен ред на седницата е и Предлог-програмата за одржлив локален развој и децентрализација за период 2021-2026 година, предложена од Министерството за локална самоуправа.

Седницата ќе се одржи преку видео конференциска врска, а за одлуките, како што велат од владината прес-служба, јавноста ќе биде информирана преку соопштение.

Извор: МИА