Снимањето на ова остварување, кое е во копродукција на повеќе земји, меѓу кои и Македонија, започна на 19 септември годинава во Загреб и ќе трае до крајот на октомври  оваа година. Приказната на филмот го следи успешниот загрепски адвокат кој се судира со моќен клиент поради што губи сè. Сепак, тој не се откажува… 

Светски познатиот хрватски режисер и сценарист Рајко Грлиќ (76) работи на својот последен долгометражен игран филм насловен „На сè ќе дојде крај“. Снимањето на ова остварување, кое е во копродукција на повеќе земји, меѓу кои и Македонија, започна на 19 септември годинава во Загреб и ќе трае до крајот на октомври  оваа година.  Како косценарист покрај Ратко Грлиќ се потпишува и писателот Антe Томиќ, а филмот е во продукција на „Интерфилм“ од Хрватска.

Приказната на филмот го следи успешниот загрепски адвокат кој се судира со моќен клиент поради што губи сè. Сепак, тој не се откажува…

„Драго ми е што, како мој последен филм, снимам љубовна приказна, длабоко навлезена во хрватската реалност“, изјавува Рајко Грлиќ.

Во филмот „На сè ќе дојде крај“ играат: Живко Аночиќ, Јелена Ѓокиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ-Волариќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Срѓан Граховац, Катарина Бистровиќ-Дарваш, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Ангела Недјалкова, Анита Шмит, Дорис Шариќ Кукуљица, Синиша Ружиќ, Дејан Ѓонковиќ, а гостување во филмот има и македонскиот актер Петар Арсовски.

Продуцент на филмот е Иван Малоча, а интернационалната авторска екипа ја сочинуваат: директор на фотографија Бранко Линта, композитор на музиката Дуке Бојаџиев, мајстор за звук Момчило Божков, сценограф Жељка Буриќ, костимограф Морана Старчевиќ и мајстор за маски Ана Булајиќ-Чрчек.

Покрај главниот продуцент „Интерфилм“ од Загреб, во реализацијата на филмот учествуваат: „РРФ Интернешнл“ од Бугарија, „Октавијан“ од Босна и Херцеговина, „Саудаде филм“ од Турција, „Вест енд продукција“ од Србија, „АБХО“ од Црна Гора и „Веда Филм“ од Северна Македонија. Филмот е поддржан со средства од македонската Агенција за филм.

Инаку, претходниот проект на Рајко Грлиќ и Анте Томиќ „Уставот на Република Хрватска“, чија македонска премиера се одржа на фестивалот на европски филм „Синедејс 2016“, стана најнаградуваниот хрватски филм на сите времиња. Покрај фестивалскиот успех, овој филм постигна значајни резултати и во кината низ регионот, по што влезе во успешна дистрибуција во Европа и Северна Америка.

Музиката и за овој филм ја пишуваше Дуке Бојаџиев, а дел од актерскиот тим е и македонската актерка Јелена Јованова. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на РМ, а македонски продуцент е Дејан Милошевски со „Револушн продукција“. Филмот „Уставот на Република Хрватска“ е всушност  приказна за нашите нетрпеливости кон различностите, нашите предрасуди кон оние кои се поинакви, но и за храброста денес да бидеш она што си…

Како режисер и косценарист Рајко Грлиќ има потпишано 11 долгометражни играни филмови: „И да пукне, нека пукне“ (1974), „Браво маестро“ (1978), „Само еднаш се љуби“ (1981), „Во челустите на животот“ (1984), „За среќа се потребни тројца“ (1986), „Ѓаволски рај“ (1989), „Чаруга“ (1991), „Жозефина“ (2002), „Караула“ (2006), „Нека остане меѓу нас“ (2010) и „Устав на Република Хрватска“ (2016). Во неговата филмографија има уште дузина долгометражни документарни филмови, телевизиски серии и филмови во кои е косценарист или продуцент. Неодминлив наслов е култната ТВ-серија „Бос в трње“ (1975) во режија на Срѓан Карановиќ. Грлиќ е сценарист на сите десет епизоди. (Д.Т.)