Раштак ќе добие водоводна мрежа

108

Ниската зона во Раштак добива примарна и секундарна водоводна мрежа во должина од 1.1 километар. Жителите од овој дел од Раштак конечно ќе добијат вода.

Како што информира градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, потпишан е договорот со компанијата која ќе го реализира овој проект, а ќе се вложат 5 милиони денари, средства од Светска банка.

-Со ова, се решава долгогодишен проблем на жителите на Раштак кои со децении чекаа подобри времиња за да добијат основни услови за живот. Јас им ветив на жителите на Раштак дека ќе им овозможам питка вода до нивните домови и го исполнив тоа. Проектот се очекува да биде завршен до пролет – информира Георгиевски.

Паралелно со ова, до секое домаќинство во ниската и високата зона на Раштак, ќе се поставуваат шахти со водомери, на сметка на Општината.