Раскази на Румена Бужаровска објавени на англиски и германски јазик

151

Раскази од македонската писателка Румена Бужаровска деновиве беа објавени на англиски јазик во две американски книжевни списанија, а германскиот превод на нејзината збирка „Мојот маж“ ќе излезе на 7 март во Германија, Австрија и Швајцарија.

„Саутерн Ривју“, кое е меѓу најпрестижните американски списанија за проза, поезија, есеистика и визуелна уметност и е основано во 1935 г., го објави расказот „Тука сум. Не одам никаде“. „Илектрик Литрачр“, дигитално списание основано во 2009 година, чии уредници лично препорачуваат дела од современи автори од САД и светот, го објави расказот „Вазна“. Обата раскази се од најновата збирка на Бужаровска, „Не одам никаде“. Преведени се на англиски јазик од страна на авторката и американскиот преведувач Стив Бредбери.

Германската верзија на „Мојот маж“, во превод на Бенјамин Лангер, е издание на реномираната издавачка куќа „Зуркамп“.