Кошаркарите на Германија приредија нова сензација на Евробаскетот, откако пред своја публика ја елиминираа фаворизираната Грција со 107:96. Токму поради тоа селекторот на Германија, Гордон Херберт, беше одлично расположен по победата и пласманот во полуфиналето, каде што силите ќе ги одмери со уште еден фаворит за титулата, селекцијата на Шпанија.

За време на прес-конференцијата, 63-годишникот беше прашан дали ќе ја прослави победата со чаша вино како што претходно вети.

Херберт се пошегува, алудирајќи на прославата на Италија, кога тренерот Џанмарко Поцеко им даде кредитна картичка на играчите да се позабавуваат.

  • Знам една работа – нема да ја дадам мојата кредитна картичка на играчите. Во моментов претпочитам ладно пиво. Денис Шрудер ја сакаше мојата кредитна картичка, но јас реков: „Три пати се разведував, нема да ти се допаднат ограничувањата на неа“, се пошегува Херберт.

Искусниот селектор ја истакна важноста на победата во Берлин за домашната кошарка.

  • Мислам дека тоа е неверојатно за германската кошарка. Начинот на кој овој тим и играчите играа на нивен терен… Луѓето можат да разберат како игравме и тие го видоа нашиот идентитет. Идентитетот е една работа што сакавме да ја утврдиме сега. Имаме уште два натпревара. Си поставивме цел да освоиме медал. Луѓето ме гледаа како да сум малку луд кога го кажав тоа, но сепак ова е она што го бараме, заклучи Херберт.

Од друга страна, селекторот на Грција, Димитрис Итудис, ја презема целата одговорност за елиминацијата.

  • Германија несомнено ја заслужи победата. Беше подобра. Дефанзивно не ни успеа планот, но најдовме начин да поведеме со неверојатна тројка на Слукас. Не требаше да избрзуваме со нападите, Германците не казнија, изјави Итудис.

Инаку, Грција последните пет минути од мечот ги одигра без својот најдобар кошаркар, Јанис Адетокумбо, кој беше исклучен поради неспортски потег. Тој со лакт го погоди противникот и мораше предвреме да го заврши натпреварот.