Управителот на светиниколската текстилна компанија „Мода“, Ангел Димитров, кој воедно е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи, информира дека добил понуда за странски работници од Непал. Тој апелира постепено да се либерализира пазарот на трудот и да се овозможи полесен пристап на странските работници, затоа што одредени сектори се соочуваат со недостиг на работници и доколку не се дозволи ова, тогаш ќе се доведе во прашање опстанокот на економијата во земјава. Димитров посочува дека со иселувањето на младите, државата ќе остане без работници и економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари

 

 

Во недостиг на домашна работна сила, неколку агенции преговараат и регрутираат странски работници, кои се заинтересирани да работат во земјава. Таква понуда за странски работници од Непал добил и управителот на светиниколската текстилна компанија „Мода“, Ангел Димитров, кој воедно е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.

Димитров апелира постепено да се либерализира пазарот на трудот и да се овозможи полесен пристап на странските работници, затоа што одредени сектори се соочуваат со недостиг на работници и доколку не се дозволи ова, тогаш ќе се доведе во прашање опстанокот на економијата во земјава.

– Бангладеш, Пакистан, Филипини и Индонезија се држави каде што има трипати пониски плата од нашата. Тоа би бил процес, не може прекуноќ да се случи тоа, но би било во интерес на опстанокот на нашата економија – вели Димитров.

Тој посочува дека со иселувањето на младите, државата ќе остане без работници и економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Компаниите, како што наведува, имаат проблем да најдат соодветен кадар.

– Невработените не сакаат да се јавуваат на огласите за слободни работни места, а, од друга страна, и покрај напорите на Владата преку активните политики за вработување, не се јавуваат, ниту имаат желба за преквалификација, што значи долгогодишните проблеми во системот на образование и продуцирањето кадри што не одговараа на нашето стопанство го даваат својот резултат. Да речеме, ако имаат завршено факултет, тие чекаат да се вработат според дипломата за која се школувале и не прифаќаат преквалификација или доквалификација за друго работно место. Ова значи дека ние само формално имаме невработени, а кога ќе отиде некоја фирма во Агенцијата за вработување и ќе побара 20-30 работници, не може да најде ниту тројца од соодветниот кадар, така што очигледно е дека преквалификацијата и моменталните мерки нема да ги дадат очекуваните резултати и стопанството во следните години сè повеќе и повеќе ќе се соочува со недостиг на работници – предупредува Димитров.

Прашан за колку време би дошле странските работници во земјава, Димитров со став дека штом веќе се нудат работници, тоа значи дека тие се подготвени да дојдат.

– Ако агенциите ги нудат, тие веќе имаат контакти и можат да дојдат. Затоа реков, потребно е постепено либерализирање на пазарот на трудот со увоз на странски работници, затоа што многу компании од градежната индустрија имаа проблеми, особено лани, кога квотата беше исполнета многу порано пред истекот на годината да вработат странци – истакнува Димитров.

Според него, овие работници треба да ги имаат истите права од работниот однос како и домашните работници.

– Ќе ги имаат сите права од работните односи, бидејќи Македонија не е држава како некои арапски држави, каде што странците ќе работат по 20 часа дневно, ќе немаат никакви права и ќе се третираат како граѓани од втор ред – вели Димитров, посочувајќи примери дека неколку земји на Балканот веќе обезбедуваат услови за живеење и за работа на странските работници.