Работниците во Македонија се стари над 50 години, кога ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени

Просечната старост на работниците во Македонија е над 50 години, кога ќе одат во пензија, нема кој да ги замени. Работодавачите и синдикатот апелираат државата да носи долгорочни решенија - воведување дуално образование, преквалификации и доквалификации на лицата кои се пријавуваат како невработени, како и префрлање на дел од вработените од јавен во приватен сектор. На тој начин, работодавачите нема да се соочат со посериозни проблеми поради недостиг на кадар, а фабриките нема да се затворат

799

Во некои дејности во државата работната сила е стара над 50 години. Кога овие вработени ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени и тоа може да доведе до дополнителен недостиг на работна сила. Работодавачите и синдикатот апелираат државата да носи долгорочни решенија – воведување дуално образование, преквалификации и доквалификации на лицата кои се пријавуваат како невработени, како и префрлање на дел од вработените од јавен во приватен сектор. На тој начин работодавачите нема да се соочат со посериозни проблеми поради недостиг на кадар, а фабриките нема да се затворат.

-Генерално во трудоинтензивните дејности, работната сила е во поодминати години. Овој проблем е присутен во градежништвото, текстилната, пекарската, метало-преработувачката индустрија и во други дејности кои не се атрактивни за младите поради високоризични работни места наспроти ниските плати. Кога велам ниски плати мислам на плати под просечните кои се карактеристични за овие дејности. Она што во овие дејности го гледаме како решение е да се воведе дуално образование за да се обезбеди квалитетен кадар. Државата мора да има предвид дека кога обезбедува работа средствата да ги доделува на домашни компании, а не на странски, вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор.

Работниците кои имаат повеќе од 50 години, всушност, се последната генерација и немаат можност да заминат во странство, а за разлика од нив, пак, младите веќе си го најдоа патот во високоразвиените земји.

-Владините политики да се насочат кон помош и поддршка на приватниот сектор за да не останеме и без работници и без фабрики. Треба да се направи реорганизација во јавниот сектор и голем дел од младите да се насочат кон приватниот сектор, бидејќи во пракса тројца вработени во приватен сектор обезбедуваат плата за еден вработен во јавен сектор, додава Пешевски.

Претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков, смета дека за моменталната ситуација со работната сила сме виновни сите и итно треба да се преземе нешто за да не биде многу доцна и за компаниите и за индустриите.

-Податокот дека во голем број дејности во државата работната сила е стара над 50 години, покажува дека на краток и на среден рок кога овие луѓе ќе ги изгубат работните вештини и ќе одат во пензија ќе се соочиме со дополнителен недостиг на работна сила. Оваа состојба е предизвикана од лошо планирање на државата. За жал, нашето општество е многу круто, многу затворено и кога зборуваме дека ни треба работна сила од надвор, бидејќи младите си одат тоа е реалната состојба за која сме виновни сите што немаме опција и идеја како да се поправи состојбата. Бизнисите ни се гнили и не можат да ги мотивираат работниците да останат. Треба да гледаме на проблемот со опции за решавање, а не со противење, бидејќи така нема да дојдеме до решение, вели за весникот ВЕЧЕР, Бошков.

Според него, одамна требаше да им текне и на државата и на бизнисот дека овие професии ќе станат дефицитарни и оти треба да прават планови на долг рок, не сега бидејќи веќе може да биде и доцна.

Тој посочува пример како Словенија го решава проблемот со недостиг на работната сила, преку целосна инклузија во општеството на луѓето кој дошле да работат и да живеат во Словенија.

И во пекарската индустрија просечната старост на вработените е 57 години, а младите воопшто немаат интерес за оваа струка, покажува последната анализа на Стопанската комора. Ситуацијата е алармантна, а дополнително ја комплицира тоа што дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат за да се компензира кадарот.

-Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, а во малата и микропекарска индустрија стопанствениците кубурат со пекари и бурекчии. Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија затоа што идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка, велат од Комората.

Според Игор Стојановски од „Пастел“, проблемот со немањето кадар во пекарската индустрија е исклучително сериозен.

-Драстично се качува цената на трудот на постојните работници – пекари. Веќе нема многу разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, цените им се речиси изедначени. Не се исти, но полека ги стигнуваат затоа што, едноставно, нема кој да работи, вели Стојановски, додавајќи дека во пекарската индустрија просечната плата е над 30.000 денари, а достигнува и до 60.000. Притоа, платата е во процес на раст.

Слична е ситуацијата и во земјоделството каде што просечната старост на земјоделците е околу 60 години. Земјоделците велат дека ова е навистина голем проблем и оти веќе се соочуваат со недостиг на работна рака. Младите не сакаат да работат во земјоделството и нема кој да ги наследи постарите земјоделци. Освен тоа, нема работници за дополнителна работа на поле и за сезонски работи.

(А.С.)