Во Русија тоа го нарекуваат „проблем од 2024 година“- тогаш на Владимир Путин му истекува вториот мандат за претседател. Сега предложил коренска реформа на Уставот за да ја задржи моќта, коментира новинарот на Дојче веле Роман Гончаренко.

Од највисоката планина на Кавказ до московското метро – обраќањето на Владимир Путин беше емитувано во средата на јавните екрани низ цела Русија. Јасно е зошто било важно сите да слушнат што претседателот имал да каже.

Во говорот за состојбата на нацијата, тој најави темелна уставна реформа која првпат истакнува како Путин би можел да ја задржи власта и после 2024 година.

Тоа беше изненадување, кое веќе подолго време го чекаат оние кои ја знаат политичката состојба во Русија.

Ова е политички земјотрес. Овој впечаток е засилен со оставката на Дмитриј Медведев неколку часа подоцна.

Русија нема време за губење, рече Путин. Тој очекувано посвети голем дел од својот говор ветувајќи социјални подароци што треба да ја зголемат стапката на наталитет.

Но, вистинската причина за брзањето на Путин е неговата политичка судбина – тој се подготвува да го реши таканаречениот „проблем од 2024 година“, во Русија се појавува прашањето како Путин ќе ја задржи власта кога ќе измине неговиот сегашен претседателски мандат. Затоа што, според Уставот, по два шестгодишни мандата, тој веќе не може да се кандидира.

Така, шефот на државата во заложба за социјални ветувања направи план од корен да го смени политичкиот систем на земјата.

Тоа е типичен Путин – тој рече дека нема голема потреба од промена на Уставот од 1993 година, но тогаш предложи поважни промени. Реформата треба да биде одобрена од народот, додаде тој, иако го избегна зборот „референдум“.

Во Русија нема референдум со децении.

Според планот на Путин, во иднина Дума, Долниот дом на Парламентот, треба да има поголема моќ да избере премиер и влада. Сега изборот на влада е се уште во рацете на претседателот.

Очигледно, Путин верува дека Дума секогаш ќе одлучува како сака. Тој рече дека повеќето партии се „патриотски“, што во неговиот речник значи дека се лојални на Кремљ.

Сепак, Русија не треба да стане парламентарна република – рече тој експлицитно.

Тој предложи дека во иднина, претседателските кандидати исполнуваат строги критериуми – тие мора да имаат најмалку 25 години живот во Русија и не смеат да имаат државјанство на ниту една друга земја. Ова треба да ги елиминира опозициските политичари од егзил како Михаил Ходорковски. И премиерот и министрите ќе мораат да имаат само руско државјанство, така што, според Путин, Западот нема да може да ги уценува.

Продолжената конфронтација со Западот ја покажува и намерата на Путин со новиот Устав да ги постави руските закони над меѓународното право.

Таквиот систем ќе му отвори на Путин две опции.

Тој би можел да стане премиер, како што веќе направи помеѓу 2008 и 2012 година. Или да стане шеф на Државниот совет, каде Уставот би му дал повеќе овластувања. Тоа тело сега е повеќе од симболичен карактер, а ги опфаќа претседателите, гувернерите и другите функционери.

Сепак, едно е сигурно: Путин не планира власта да ја предаде на некој друг.

За него и Русија политичката фаза започнува со неизвесен исход.

Иако годината 2024 изгледа далеку, Путин нема многу време. Следната година во Русија се парламентарни избори и Путин сака до тогаш да има готова реформа. Тој се уште цврсто седи и има добри шанси уште многу години да ја разгледува судбината на Русија.