Иако на крајот од август беше одигран финалниот натпревар, денеска стартува новата сезона во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. Поразениот во најважниот натпревар од изминатата сезона, францускиот гигант ПСЖ, на стартот од новата авантура на европската клупска сцена за противник го има англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед. Популарните „светци“ имаат сериозен проблем кога е во прашање здравствениот билтен, но шефот на стручниот штаб, Томас Тухел, на располагање ги има услугите на најголемите ѕвезди во тимот, Килијан Мбапе и Неимар.
- Моменталната ситуација е далеку од идеална. Можеби на располагање ќе имам 11, 12 или 13 фудбалери. Немавме среќа во последниот период. Дрекслер и Маркињос се под знак прашалник за дуелот со Јунајтед. Бернат и Икарди се повредени веќе неколку недели. Аргентинецот има проблем со коленото и сигирно нема да биде во комбинација за дуелот во Лигата на шампиони, изјави тренерот на ПСЖ.
Големо внимание сигурно ќе предизвика и пресметката на „Стемфорд Бриџ“ помеѓу екипите на Челзи и Севилја. Лондонските „сини“ беа најактивни за време на летниот преоден рок но и покрај милионските засилувања четата на Франк Лампард игра под очекуваното ниво. Проблем плус за Челзи е и фактот дека игра против последниот освојувач на Лига Европа.
- Од моите фудбалери побарав што е можно побрзо да го заборават првенствениот пораз и да се фокусираат само на дуелот со Челзи. Знам дека ќе ни биде тешко, но ние сакаме да се надигруваме и далеку од тоа дека ќе дојдеме во Лондон со бело знаме. Верувам во моите играчи и верувам дека ќе постигнеме позитивен резултат, изјави тренерот на Севилја, Хулиен Лопетеги.
Денеска на програмата: ГРУПА Е: Челзи – Севилја, Рен – Краснодар. ГРУПА Ф: Зенит – Бриж, Лацио – Борусија Д. ГРУПА Г: Динамо К. – Јувентус, Барселона – Ференцварош. ГРУПА Х: ПСЖ – Манчестер Ј., РБ Лајпциг – Истанбул Б.