Промоција на романот „Искра“ од Анастасија Младеновска

134

Вечерва, со почеток од 19 часот во МКЦ (сала Фросина) ќе се одржи промоција на романот „Искра“ од Анастасија Младеновска.

„Како една целина, овој роман е моето себе создавање, зашто растев со неговото пишување. Ова сум јас, мојата проза и поезија, ова е мојот живот, ова е мојата љубов кон пишувањето пред сè, а потоа и кон јазикот. Во моите дела јас сум Акварел, но за жените, за вас, јас сум една обична Анастасија со испреплетени и кружни сеќавања и патем со една плетена кошница и шака румени цреши, кои нана ги чувала за моето раѓање. Сè уште не знам како. Веројатно биле смрзнати“, ќе посочи авторката кон книгата чија промоторка ќе биде Марија Јаневска.

„Долго време размислував што ќе биде најсоодветно да напишам за овој, за нашето поднебје, пионерски потфат, во кој младата авторка, Анастасија Младеновска (16 години), отворено ја раскажува драматичната приказна за своето детство во сенката на и директно и посредно преживеаното семејно насилство. Во македонската книжевност ова е еден редок обид од прво лице да се проговори за траумата што ја остава родово-базираното насилство и горките последици не само по оние врз кои е насочено, туку и врз останатите беспомошни сведоци, придружено со немото прифаќање и нормализирање на насилството. Можеби поради тоа што младоста по природа е храбра, авторката не се плаши да ги разголи своите најинтимни размислувања, ниту пак да пишува за некои од најтрагичните детали од својата приказна, во еден исклучително тежок самостоен обид да ја отвори, исчисти и стерилизира раната, за да го спречи нејзиното понатамошно инфицирање“, истакнува Ана Василева.