„Во градината има само љубов“ е наслов на стихозбирката на младиот прилепски поет Филип Димкоски промовирана во рамки на „Велешкото културно лето 2020“.

Настанот беше организирана во соработка со велешкиот Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“, а ја промовираше претседателката на клубот Лила Арсова. Членовите на Клубот читаа поезија од оваа стихозбирка и настанот беше збогатен со афоризми од Атанас Крлевски.

Според Лила Арсова самиот наслов на книгата „Во градината има само љубов“ асоцира на градини кои само можеме да ги замислиме и создадеме само со љубов како што самиот автор ги создавал стиховите во песните.

– Стохозбирката „Во градината има само љубов“ претставува пејсажна лирика во која авторот ја воспева природата, преку нејзиниот опис ги искажува своите чувства и расположение. Поетскиот јазик и поетската мисла на авторот се напојуваат од природата. Природата дарува љубов, живот, убавина и задоволство на душата но истата бара и внимание. Секој дел од природата е наше богатство, потенцира Арсова.

Таа додаде и дека поетот Филип Димкоски покренува универзални вредности за вечни вредности: љубов, душа и природа на особено возбудлив начин.